На работилницата „Научете како да го доите Вашето бебе“ која се одржа на 14.03.2018 година, имавме чест и задоволство како гости да не посетат сестри и акушерки од Општа Болница Куманово и од ГОБ 8-ми Септември.
Оваа соработка беше реализирана согласно програмската определба на организацијата Лулка, нашата мисија и визија и во контекст на Меморандумот за соработка потпишан со Унијата на сестри, акушерки и техничари. Една од трите главни програмски насоки на Организацијата Лулка е промоција, заштита и поддршка на доењето. Лулка го промовира доењето во Македонија од 2011 година, преку едукација на трудници и доилки, соработка со WABA и одбележување на Светската недела на доењето секоја година.
На работилницата гостите од здравствените установи се запознаа со работата на организацијата Лулка, современите ставови во врска со процесот на доење, анатомијата и физиологијата позади процесот, како да се започне и како правилно да се одржи доењето, кога да се користат, а кога не, дополнителни помошни средства како пумпи, силиконски брадавки и слично. Од нашиот педијатар Др Денис Ал Кхалили тие имаа можност да дознаат кои се главните елементи на правилната поддршка на доењето и како да се воспостават тие, со цел зголемување на процентот на доење во РМ. Се разговараше за предизвиците кои може да се очекуваат на почеток на доењето и како тие најлесно да се надминат.
Во иднина е планирано проширување на соработката и заедничко организирање на работилници и предавања, со цел подобар третман, подобра превенција и едукација на пациентите.