Како продолжение на досегашната традиција, и оваа година во Јануари, EFCNI беше домаќин на 15-тата Годишна средба на родителски организации во Фрајсинг, Германија. Од 25-27 Јануари, околу 100 претставници од повеќе од 30 држави, од Европа, Африка, Канада и Соединетите Американски Држави се собраа да дискутираат за здравјето на предвреме родените бебиња, да разменат знаење и искуства, да се вмрежуваат и меѓусебно да се мотивираат.
Меѓу присутните беше и претставник од Македонија, од организацијата Лулка која од самиот почеток го претставува гласот на трудниците и родителите, вклучително и на родителите кои имале предвремено породување.
Меѓу темите за кои се дискутираше на годишната средба, беше и презентацијата на Katarina Eglin од германската организација Das frühgeborene Kind e.V., која говореше за проектот за воспоставување на Упатство за принципите на палијативна нега и советување на родители кои тагуваат во неонатологијата (Guiding principles for palliative care and grief counselling in neonatology). Ова е тема која многу често е табу и поради што често родителите, пријателите и семејството на болното или починато новороденче, но и здравствените работници, се оставени сами да се справуваат во овие емоционално тешки моменти. Упатството е достапно на германски, а наскоро ќе биде објавена и верзијата на англиски јазик.
Претседателката на родителската организација UnusiUnu од Романија, Corina Croituro, ја претстави својата работа на постепено воведување на „Негата насочена кон семејството“ или Family-centered-care во болниците во Романија, во рамки на проектот Little Human in Therapy. Со обуката во рамки на FINE Програмата, родителите и здравствените работници се обучуваат за тоа како да ги третираат бебињата со медицински соодветните третмани, но со повеќе емпатија и сочувство.
Во текот на трите дена додека траеше средбата, од страна на Oleksandra Balyasna од украинската организација Ранні пташки (Early Birds), беше поставена и изложбата „Татковците во фокусот“. Изложбата е претходно прикажана во Киев, а е поддржана од Министерството за здравство и Неонатолошкото здружение од Украина. Изложбата го потенцира значењето на татковците во единицата за Неонатална интензивна нега (NICU), како еднакви партнери во обезбдувањето на родителската нега на бебето.
На средбата за прв пат беше промовиран и новиот голем проект на Европската фондација EFCNI, GLANCE – the GLobal Alliance for Newborn CarE. Со проектот, организацијата EFCNI започнува процес на поврзување и застапување на предвреме родените новородени и нивните семејства на глобално ниво. Во иднина, родителите и семејствата од сите краишта на светот ќе се поврзат и заедно ќе го трасираат патот кон подобра нега и подобар почеток за секое новородено низ целиот свет.
Беше доделена и награда на EFCNI за организациите со најголеми достигнувања во изминатата година, а оваа година добитници беа организациите од Естонија, Норвешка и од Гана, Африка.
Во текот на вториот ден, презентација имаа надворешни говорници кои работат и истражуваат во областа на Неонатологијата. Говореше Dr Michael Zeller од болницата Dritter Orden од Пасау, Германија, кој ги пренесе искуствата од воведувањето на концептот на „Нега насочена кон семејството“ и докажаните позитивни искуства во врска со исходот од лекувањето.
Dr Lukas Mileder од Медицинскиот Универзитет во Грац, Австрија, говореше за „Знаечењето на симулациониот тренинг во Неонаталната интензивна нега“. Dr Mileder соработува со компанијата SimCharacters, основана од неонатологот Dr Jens-Christian Schwindt, која компанија го создаде Пол, првата кукла-фантом за реанимација на предвреме родено новородено, наменета за тренинг на студенти, специјализанти и доктори.
Во текот на годишната средба беше избран и нов состав на Родителскот совет на EFCNI, со воведување на плус две нови места за меѓународни претставници, при што беа избрани и претставници од Гана и од САД. Средбата заврши со обука за читање и интерпретација на научни студии, со цел промовирање на современа нега и лекување на прематурните и болни новородени, соодветно на медицината базирана на докази.
Целокупните активности на средбата, и самата средба, беа организирани од страна нa EFCNI, а организацијата Лулка учествуваше на овој настан благодарение на поддршката која ја добива од компаниите партнери, за што искажуваме јавна благодарност. Следната година средбата прераснува во Родителски самит 2020, а организацијата Лулка ќе учествува и следната година.
Би сакале да искажеме благодарност до нашите партнери ВИОЛЕТА, URIAGE, ПреМамаДуо и GENOMIKS за поддршката која ја обезбедуваат за организацијата Лулка.