Неонаталната нега на бебето започнува веднаш по породувањето. Породувањето е голем стрес за мајката, но и за бебето. Заедно со фактот дека мајката се соочува со болки и тегоби во текот на породувањето мора да нагласиме дека и бебето е подложено на голем стрес и траума во текот на породувањето.

Како и кај мајката, и кај бебето овие тешкотии се физиолошки (нормални и очекувани) и тие му помагаат на бебето да се прилагоди на надворешната средина.

Активностите за прифаќање на бебето започнуваат уште пред тоа целосно да излезе од родилниот канал. Најчесто бебето од родилниот канал излегува со главчето напред, поретко карлично. Првиот контакт со надворешната средина и со воздухот е при плачењето на бебето. Штом се породи главата на бебето, во паузата помеѓу контракциите, се врши аспирација на плодовата вода од носот и од дишните патишта на бебето. Исто така, и притисокот на кој е изложено бебето во родилниот канал го потпомага истиснувањето на течноста од белите дробови.

Кога бебето ќе излезе од родилниот канал, акушерката го прифаќа во топла пелена. Следи аспирирање на носот и устата од плодовата вода, подврзување и сечење папочната врвка. По средувањето и сечењето на папочната врвка бебето се бања (се полева) со малку топла вода со цел да се отстрани остатокот од плодовата вода. По миењето повторно следи аспирирање, па бебето се брише и се суши. Доколку не се исуши веднаш, бебето губи значителен дел од телесната топлина која е многу важна во овие мигови. Затоа најпрво се брише главата на бебето и косичката, по што може да се стави капче за заштита од понатамошно губење на топлината. Бришењето, исто така, предизвикува и одредена сензорна стимулација кај бебето, па тоа плаче и внесува повеќе воздух во белите дробови. Кога целосно ќе се исуши, бебето се мери и се прегледува од неонатолог за присуство на некои вродени малформации и дефекти.

Пред да ја напуштат родилната сала, мајката и бебето мора да се идентификуваат со поставување на бројче на рачниот зглоб на мајката и на рачето на бебето.

Кога ќе биде комплетно гинеколошки згрижена, мајката се враќа во болничка соба. Тогаш бебето се носи кај мајката од страна на болничкиот персонал и и се дава на прв подој. Раното доење по породувањето има големо значење и за бебето и за мајката. При цицањето се предизвикува природно ослободување на хормонот окситоцин во телото на мајката. Овој хормон го потпомага стегањето на матката и го намалува постпородилното крварење.

По сместувањето во болничката соба постојано се следат и мајката и бебето. Се врши надгледување на виталните функции и мерење на телесната температура на бебето. Се нотира и евентуалната појава на физиолошка жолтица кај бебето. Во текот на првите 24 часа се врши вакцинација против Хепатит Б.

Вториот ден по породувањето се врши темелен преглед на бебето и се прават анализи на крвта. Покрај стандардната крвна слика се испитува и еден специфичен маркер познат како CRP (C – реактивен протеин). Покачените вредности на CRP укажуваат на присуство на инфект во телото на бебето, па следствено се преземаат и соодветни мерки, се даваат антибиотици и слично. Се надгледува и доењето, како се храни бебето и дали мајката правилно го дои бебето.

Доколку се е во ред, пред испишување од породилиштето се врши стандардна вакцинација на бебето со BCG (Бе-Се-Же) вакцина, за заштита на бебето од туберкулоза.

Д-р Вида Фотева - Педијатар