Говорот е дистинктивен белег на човекот.Толку многу е прочуван, а сепак нема одговор како тој се стекнува, како успеваме да дадеме и да ги разбереме пораките.
Особено е тешко да се објасни како децата го откриваат значењето на зборот и како успеваат да ги подредат зборовите за да пренесат разбирлива порака. Со зборот се означуваат предмети, дејствија или врски. Загатка останува како, меѓу многуте предмети и врски на кои се однесува зборот или реченицата, успеваме да дојдеме до значењето.
При крајот на втората година рецептивниот говор е доволно развиен за да може детето да разбере што е големо, а што мало. Тогаш најчесто употребува глаголи и придавки, прилично долги и комплицирани реченици, ужива да му читате приказни од сликовници и препознава поединости од сликите, се препознава себе и други познати лица на слики, сака да слуша музика и го дотерува звукот, што покажува дека има изострен слух. Тоа е возраст кога детето го имитира однесувањето на возрасните. На истата возраст во експресивниот говор се забележуваат следниве промени:
- За себе вели почесто ЈАС отколку името;
- Ги користи заменките ЈАС, МЕНЕ, ТИ;
- Знае неколку песни за деца;
- Именува точно барем една боја;
- Повторува две или повеќе бројки;
- Кажува точно дали е момче или девојче;
- Знае да си го каже името и презимето;
- Користи реченици од три или четири зборови;
- Додека игра зборува за себе;
- Пелтечи кога сака да каже нешто брзо;
- Ги меша спротивните зборови (горе-долу, над-под, топло-ладно);
- Поставува прашања кои почнуваат со што, зошто, каде.
Анета Копачева
Дипломиран педагог