Подригнувањето е многу значаен дел од хранењето на бебето. Доколку се врши правилно и бебето редовно подригнува, тоа спие помирно, има помала количината на проголтан воздух во желудникот и цревата и се намалува интензитетот на познатите бебешки колики до 3 месечна возраст.
Првата и најчесто применувана положба за подригнување е следната:
1. Седете исправено и поставете го бебето исправено на вашите гради. Неговата брада треба да се потпира на вашето рамо. При тоа нежно тапкајте го бебето по грбот и чекајте да подригне. Варијација на овој начин е доколку бебето не подригне, да го поткренете нешто повисоко, неговото меше да дојде во висина на вашето рамо и на тој начин, повторно со нежно тапкање да се обидете да го истиснете воздухот од желудникот на бебето.
2. Доколку ова не успее, не се откажувајте, туку обидете се со следната положба. Седнете го бебето во скут свртено кон напред. Придржувајте го со едната рака, така што бебето ќе биде навалено кон напред на вашата подлактица. Брадата на бебето придржувајте со со прстите, а неговите гради придржувајте ги со вашата дланка. Внимавајте да не го држите за вратот наместо за брадата. Со другата рака тапкајте го нежно по грбот додека не подригне.
3. Доколку и овој пат не успеете, обидете се и на следниот начин. Легнете го бебето во вашиот скут, така што ќе биде легнато на стомаче. Со едната рака потпирајте ја главата на бебето, така да таа секогаш биде повисоко од градите. Повторно тапкајте нежно по грбот.
Овие маневри се значајни, бидејќи се зголемува веројатноста бебето да подригне и да се ослободи од вишокот гас во системот за варење. Тоа, од друга страна, ги намалува проблемите поврзани со немир, напнатост на стомачето, стомачни грчеви и гасови кај бебето.