Секоја возраст има свои посебности и бара определени материјали, средства и играчки за детските активности.

Ви презентираме некои карактеристики од 0 до 18 месечна возраст значајни при изборот на материјалите, средствата и играчките со кои ќе се занимава и дружи бебето.

Според следните карактеристики треба да направите и избор на вистинските играчки за Вашето дете:

  • Од раѓањето до 4. месец детето постепено воспоставува контрола на главата, се интересира за предметите и сака да си игра, има се поголема способност да ги следи предметите кога се движат, им се радува на звуците, особено на човечките гласови. Веќе на 4 месеци бебето може да приближи некој предмет до себе и да го турне.
  • Меѓу 4. и 8. месец децата најпрвин ќе дофатат некој поголем предмет со двете раце, подоцна полесно фаќаат и помали предмети и тоа со една рака. При крај на овој период (4.до 8. месец) веќе го набљудува предметот кој го држи в рака, го преместува од едната во другата рака и скоро секогаш го преиспитува. Бебето научува да седи самостојно, а со тоа и рацете се слободни за различни активности.Се зголемуваат и социјалните способности: детето изнаоѓа начини да го привлече вниманието (се смее, ги подава рачињата, произведува различни гласови). Особено е радосно кога прави гласовни варијации.
  • Во периодот од 8. до 12. месеци детето е опседнато со движењата: лазење, влечење, тркалање, обиди да седне и сето ова упорно го прави. Покажува и голем интерес да ги испитува својствата на материјалите и предметите, удирајќи ги, стискајќи ги, а веќе почнува некои предмети да употребува како алатки. При крајот на овој период (12. месец) предметите веќе може да ги реди еден врз друг, да ги преиспитува со различните сетила, да ги истура, да ги става едни во други итн.Се зголемува способноста за разбирање на говорот и детето сака да му се зборува, ужива кога ги имитира гласовите и гестовите на другите.
  • Помеѓу 12. и 18. месец најголем број деца веќе самостојно одат.Така се отвораат можности за уште повеќе разновидни активности. Детето се радува кога се движи слободно во просторот, кога преместува, турка и влече предмети. Се зголемува способноста за манипулација. При крајот на овој период се јавува интерес елементарните секојдневни активности што ги забележува околу себе детето да ги изведе на поитересен начин: како божем нуди чаша млеко, става кукла да спие, брише прашина итн. Се јавува и интересот за сликовници, кај детето се развива способноста за фрлање, сака да се протнува низ мал простор, ужива да ги покажува предметите што другите ги именуваат.

Сепак најзначајна помош во различните активности на децата им укажуваат возрасните. Преку заедничките активности со возрасните, бебињата во текот на првата година учат како да го свртат вниманието на другите, се радуваат на комуницирањето и на заедничкото живеење и токму тука лежат никлуците на развитокот на социо-емоционалните способности.

Кога сакаме да одбереме добра играчка за децата од оваа возраст, всушност најелементарно е токму ова сознаие: различните материјални средства и играчки не може да бидат замена за луѓето. И бидејќи за децата до 18 месеци скоро се е ново, тие може да стекнат разновидни искуства скоро со се што ги опкружува. Тие не прават разлика помеѓу предметите, играчките и различните материјали. Некогаш предигровните активности можат да бидат изведени најдобро со сопствените раце или други делови од телото на бебето, другпат со делови од телото на возрасните што се во интеракција со детето, а многу често и со беззначајни за нас амбалажи и неупотребливи материјали. Истотака, многу од предметите што се употребуваат во домаќинството се интересни за детето и кај него стимулираат најразновидни активности. Во овој случај, возрасните само треба да му даваат можност на детето да ги развива своите способности и преку различните заеднички активности во реалниот свет.

За малите деца светот постои само ако можат да направат нешто со него. Тие мислат манипулирајќи со предметите и материјалите. На ваков начин ги откриваат физичките закони, причинско-последичните врски, преку повторувањето на некои дејства и увидувајќи ги резултатите од нив, согледуваат како стануваат господари на светот, а ова им причинува задоволство и им дава сигурност.

Малите деца најдобро кажуваат кои материјали, средства и играчки се најдобри за нивниот развој. Ако децата покажуваат интерес за нив и со нивна помош прават разновидни активности во рамките на своите можности, без никаква опасност да се повредат, тогаш токму тоа се материјалите, средствата и играчките кои за нив имаат најголема воспитна вредност. Децата секогаш имаат своја идеја како да ги користат понудените материјали, средства и играчки, а тоа не мора да е во согласност со идејата на оние кои ги произвеле и им ги понудиле играчките. Најзначајно е на малите деца да им се даде смирена атмосфера за самите да избираат што, како и колку ќе прават и ќе си играат. Во такви услови се јавуваат новите способности. Советите и мислењата кои се даваат за тоа кои материјали, средства и играчки се корисни за најмалите се само сугестии. Се очекува оној кој е во директна интеракција со децата да се досети и да им понуди уште многу други идеи и материјални подлоги за развој, одмерени според нивните конкретни потреби, можности и интереси.

Анета Копачева - Дипломиран педагог


 

 

 Babytol baner

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama