Еден од најважните настани со кој вашето бебе станува дете е одвикнувањето од пелени. Иако периодот за одвикнувањето варира кај секое дете посебно, сепак најголемиот број деца се физиолошки и психолошки подготвени за одвикнување од пелени од 18 до 24 месеци.
Тој процес е постепен, специфичен и различен за секое дете посебно, но сепак постојат некои главни насоки кои што е пожелно да ги следите, за побрзо и посмирено одвикнување од пелени. Пред да почнете да го одвикнувате своето дете од пелените, запрашајте се: Дали е вашето дете подготвено?
Некои од основните знаци дека детето е подготвено за одвикнување од пелени се:
- Разбира и може да следи основни инструкции (на пр. Дај ми го мечето)
- Не сака да седи во валкана пелена
- Столиците му се речиси секогаш во исто време
- Се случува да има пауза од 3-4 часа помеѓу едно и друго мочкање
- Јасно му е кои се знаците дека му се врши нужда
- Се крие (позади врата, под маса, зад завеса...) за да врши нужда
- Физички демонстрира дека врши нужда (испушта звуци, расчекорува нозе и сл.)
- Не е во негативен период, не одговара на секое прашање со: не!
Почеток: запознавање со нокширчето
Направете од нокширчето познат и пријатен објект. Претставете му го како пријателски објект, но не инсистирајте веднаш да седне на него и да научи за што служи. Најпрвин доволно е да го гледа и самото да се заинтересира за неговата функција. Потоа, објаснете му детално за што служи. Однесете го детето во тоалетот и објаснете му дека неговото мало нокширче ја има истата функција како и шолјата за мама и тато. Никогаш не го седнувајте детето облечено на нокширчето, и не го користете нокширот како играчка. Наместо тоа, земете ја неговата омилена кукла/мече и седнете ја неа на нокширот и образложете: сега куклата мочка, види колку е умна, не носи пелена, туку мочка во нокширчето. Повторувајте постојано дека се мочка и се кака во нокширчето. Кога и да му менувате пелена, повторувајте му го тоа. (Сега се искака во пелената, но ти си големо и умно детенце кое знае дека нареден пат треба да кака во нокширчето).
Фази при навикнувањето на нокширот
Настојувајте секој ден во исто време (најчесто после јадење) да го седнувате детето на нокширче. Направте мал пријатен ритуал од тоа, исто како што е гледањето цртан филм, приказната пред спиење, играњето на детски песни или миењето заби. Ако подолг период (и до неколку месеци) детето редовно го користи нокширот (пред се за голема нужда) може наеднаш да се случи повеќе да не сака да го користи нокширот: да не сака воопшто да седне на него, или пак да седи долго време бесцелно и одвај да чека да облече пелена за да изврши нужда. Не очајувајте. Сите овие фази се нормални. Доколку наеднаш се створи револт и не сака да седне на нокшир, никако не настојувајте. Тргнете го нокширот на неколку дена, па пробајте пак. Ако бесцелно седи на нокширот, а врши нужда само во пелена, при секое пресоблекување повторно и повторно објаснувајте му смирено дека нужда се врши во нокширот.
Позитивен пристап и охрабрување
Имајте секогаш позитивен, смирен и благ пристап. Не го силете детето да седне на нокширот доколку упорно одбива. Не го терајте насилно да го употребува често. Не му се заканувајте и не го казнувајте за направените грешки. Бидете смирени, насмеани и позитивни, дури и кога греши, одбива, вреска или негодува.
Охрабрете го да го користи нокширот. Прикажете го нокширот како пријателски предмет којшто помага газето да биде чисто и суво. Кога и да изврши нужда во нокширчето, пофалете го, со охрабрувачки, па дури и еуфорични реакции: Се измочка во нокширчето, браво! Колку си ти умно девојче! Браво, ајде да и се јавиме на баба да и се пофалиме дека се измочка во нокширчето.
Оставете го детето само по гаќички
Доколку детето има стекнато рутина, редовно врши нужда во нокширчето, кога спие се поретко и се помалку ја полни пелената, време е да се обидете да го оставите детето само по гаѓички кога е будно. Најдобар период за тоа е летото, и во случај да се измочка во гаќичките да можете брзо да го пресоблечете и за да се сведе на минимум ризикот од настинки ако остане мокро.
Ако решите цел ден да го оставите детето само по гаќички, не се предомислувајте. За детето тоа ќе биде сосема ново искуство и првите неколку дена нормално е да мочка во гаќи, па и да изврши голема нужда во гаќи. Тргнете ги теписите и подгответе се за многу валкани алишта и постојано чистење. Кај децата кои добро го прифатиле нокширот претходно, овој период на навикнување на гаќичките ќе трае многу кратко (2-3 дена до една недела). Ако и после една недела нема никакво подобрување, вратете му ги пелените на детето, и почекајте наредна соодветна прилика после одреден период.
Не се колебајте, не се предомислувајте и не го збунувајте детето со ставање-вадење на пелените, ако сметате дека детето е подготвено. Тоа значи дека не треба да му ставате пелена и ако си играте во паркот, и ако одите на гости или на роденден во игротека. Опремете се со доволно резервна облека и секаде носете си го нокширчето.
Завршна фаза
Завршната фаза е кога детето почнува самото да кажува кога му се врши нужда. Најчесто ќе има збор за тоа (на пр.моча/кака или само еден од тие зборови), но и ако не зборува, тоа не е пречка да не се одвикнете од пелени, ќе покажува со гест или мимика. Кога детето ќе каже дека му се мочка, кажете му да почека да го донесете нокширчето, пофалете го затоа што кажало, а кога успешно ќе си ја заврши работата, пофалете го уште еднаш. Така ќе сфати дека прави нешто значајно и правилно и ќе биде гордо на себе.
Грешки
Доколку дете кое е одвикнато од пелени, згреши, не го карајте. Но, сепак јасно и гласно кажете му дека не треба да прави така, потсетете го дека досега бил умен и дека треба да продолжи да го користи нокширчето, а вие потоа ќе му речете браво. Грешките се најчести кога детето е многу заиграно (со други деца, нова играчка, на роденден, во парк и сл). За да не се случи грешка, задолжително потсетувајте го и потпрашувајте го дали му се мочка. Меѓутоа, доколку одговорот е негативен, не го силете и не инсистирајте, само подоцна пак потсетете го.
Истрајноста и упорноста на родителот
Родителот има обврска да е упорен и истраен во овој процес. Не значи дека ако детето се измочка во гаќи или дека ако 2-3 дена мочка кај ќе стигне низ цел стан, треба да се откажете. Напротив, дајте му време и стрпливо објаснувајте и следете го напредокот. Доколку успешно се прилагодува, истрајте во намерата. Доколку гледате дека немерите не вродуваат со никаков плод, обидете се повторно подоцна кога ќе мислите дека детето е подготвено. Но не заборавајте, доколку дете од 3,5 години ви ја каже следнава реченица: мамо, стави ми пелена за да какам, а вие никогаш не сте се ни обиделе да му го претставите нокширчето или да му го објасните процесот, вината е во никој друг, туку во родителот.
Збогум и за ноќната пелена
После одредено време откако детето е целосно без пелени додека е будно, доколку за време на пладневното спиење пелената е неколку дена по ред сува, не му ставајте пелена и за дневното спиење. Штом се заврши и таа фаза успешно, проверете дали и ноќната пелена е делумно или целосно сува наутро. Доколку е сува неколку дена по ред, слободно тргнете ја и ноќната пелена, но сепак внимавајте, да не се случи да се измокри во сон и да спие повеќе часа мокро, постои опасност од настинка. Откако успешно ја извадивте и ноќната пелена, останува само да Ви честитаме!
Совети плус:
- Не почнувајте премногу рано (пред 16 месеци) ниту премногу доцна (после 24 месеци).
- Често објаснувајте ја постапката, повторувајте, повторувајте, повторувајте.
- Охрабрете го и пофалете го ентузијастички своето дете.
- Никогаш не му викајте и не го казнувајте детето доколку згреши со нокширчето.
- Никогаш не инсистирајте премногу, не го терајте со сила, не се заканувајте.
- Секогаш понудете му да мочка веднаш пред и веднаш после спиење, како и пред излегување од дома.
- Секогаш носете доволно резервна облека со вас (3-4 пара гаќички, чорапчиња, панталони), за секој случај.
- Купете посебно мало нокширче за надвор-додека шетате или сте на гости.