Вашето дете полека расте, а вие мора да им се вратите на работните обврски, и тука се поставува главното прашање: кој да го чува моето дете? Кој најдобро ќе му ја пружи потребната нега, грижа, едукација, забава и најважно – љубов?

Прво што треба да знаете и добро да разберете, е дека никој, ама баш никој не може да ја замени мајката и нејзината улога во воспитувањето на детето. Сепак, многу е важно да сфатите дека другите облици на воспитување не само што не се полоши, туку се и многу корисни за правилниот психо-физички и социјален развој на детето. 

Опциите најчесто се следниве три: баба, дадилка или градинка. Одлуката за тоа која варијанта е најдобра, најчесто не зависи од нас самите, туку и од околностите и моменталната ситуација: возраста на детето, финансиската моќ, расположливоста на човек од доверба, видот на претшколски установи во близина на живеењето, како и она што логистички е најдобро за детето, но и за целото семејство.  Доколку ја имате можноста да одберете, добро разгледајте ги сите аспекти, и размислете како оваа ваша одлука ќе влијае на вашето дете на подолги патеки. 

Бебе

Доколку вашето дете е сè уште мало бебе или цицалче (до 18 месеци), најдобра варијанта е детето да го чува некое нему познато лице од доверба (баба, тетка, блиска пријателка на семејството или сл.).  Добра варијанта е и квалификувана, одговорна дадилка на која можете да ѝ верувате, а која претходно одреден период ќе поминува време со вашето дете, за тоа добро да ја запознае и да ја прифати како некој близок или мил. Градинката во овој случај можеби не е најдобрата одлука, особено доколку детето сè уште не оди самостојно или не лази.

Дете 

Доколку вашето бебенце веќе станува дете (приближно од 18 месеци нагоре), самостојно оди, комуницира (со збор или мимика – не е важно), знае да каже/покаже кога е гладно, жедно, мокро или му се спие, заинтересирано е за игра со други деца, за сликовници, боенки, приказни и сл., ситуацијата е сосема поинаква. Ова значи дека вашето детенце веќе е подготвено за еден од најдобрите облици на згрижување на децата – градинката. 

Градинка – Зошто ДА, зошто НЕ?

Појдовна точка во одлуката дали вашето дете да почне да оди во градинка, треба да ви биде самото детенце. Посматрајте го вашето дете. Дали е физички подготвено? Дали знае да комуницира? Како се однесува со луѓе кои не му се блиски? Кои игри го интересираат? Доколку увидите дека да, вашето најмило е психо-физички подготвено да тргне во градинка, разгледајте ги и другите факти за и против градинка: 

ЗА

Вашето дете ќе:

- научи или усоврши многу корисни вештини соодветни за неговата возраст.

- Групните активности се од исклучителна важност за неговиот психолошки и социјален развој.  (играње со други дечиња, цртање, боење, лепење, слушање приказни, играње со коцки, танцување...)

- Ќе следи секојдневен точно определен распоред, којшто особено позитивно влијае детето да биде хармонично, смирено и весело (оброци, спиење и играње секогаш во исто време).

- Ќе стекне корисни навики (самостојно јадење, миење на рачињата, диплење на алиштата и сл.)

- Ќе научи добро да се однесува во група: да дели, да чека на ред, да комуницира подобро.

ПРОТИВ 

- Често разболување . Најголем проблем со којшто се среќава секое дете на почетокот од посетувањето на градинката, е честото разболување како резултат на постојан контакт со многу деца, а со тоа доаѓа и зголемениот ризик на лесен пренос на бактерии, инфекции и вируси. 

- Поделена грижа. Во групата, две или три учителки се задолжени за голем број деца, со тоа вниманието е поделено и постои ризик да биде и недоволно.

- Потенцијално стекнување лоши навики. Децата го копираат туѓото однесување, и доброто и лошото. Немојте да бидете зачудени доколку вашето мирољубиво и добродушно детенце научи да тепа, одзема насилно играчки, стане поагресивно.

- Приблеми при адаптирањето. Доколку вашето двегодишно дете ентузијастички изјавуваше дека одвај чека да тргне во градинка, а после првите два дена наеднаш се предомисли и одбива да се доближи до вратата на градинката, постојано плаче додека е таму, одбива да оди, адаптацијата веројатно ќе трае подолго и ќе биде потешка.

Но, има решение и за тоа. За успешна подготовка за градинка и полесна адаптација, читајте во следната колумна.

 

 

Марија Зографска Алексова - Мајка на Јана и судски преведувач


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama