Иако раѓањето на детето за повеќето жени претставува најсреќен настан во животот, секоја родилка доживува стрес и депресија во помала или поголема мера...

Чувството на депресија и доживувањето на безпричинска тага во моментите кога мајката би требало да биде среќна затоа што родила здраво дете, е многу пораспострането отколку што мислите. Во 80% од случаите, жената по породувањето може да доживее промени во својата психичка состојба. Тоа е период во кој новопечената мајка е многу осетлива, чувствува тегоби, а расположението ѝ се менува со брзина на светлината. Овие симптоми, за неколку недели, најчесто исчезнуваат сами од себе, па на повеќето жени не им е потребно никакво лечење, меѓутоа, доколку психичката состојба не се стабилизира во тој период, тогаш станува збор за поспартална (постпородилна) депресија.

Како се манифестира оваа депресија?

 Главно се јавува во првата година по породувањето и тоа, најчесто, во првите неколу недели или месеци. Овој вид на депресија може да варира - од блага или скоро незабележлива, па до многу интензивна депресија која во некои случаи може да предизвика и суицидални идеи кај младите мајки.

Жените кои патат од постпородилна депресија ги имаат следните симптоми: Чувство на безвредност, недостаток на самодоверба, безпричинска грижа на совест, чувство на вина и нерамноправност со другите... Ги обземаат негативни мисли, песимистични се, сметаат дека животот нема смисла, брзо се нервираат, лесно се расплакуваат, имаат чувство дека не можат да ги задоволат сите барања кои се очкуваат од нив, имаат проблеми со спиењето, либидото им е намалено, вознемирени се, доживуваат панични напади, срцебиење, губат апетит, имаат проблем со помнење и концентрација.

Причините се различни...

Сеуште не е познато зошто се јавува поспородилната депресија, меѓутоа, некои од следните фактори може да влијаат на настанувањето на таквата психичка состојба:

- Физички промени

Раѓањето на детето, без разлика дали породувањето било тешко или лесно, претставува значаен настан кој предизвикува низа промени во телото на жената. Хормонското „тумбање“ влијае на хемиските промени во мозокот, менувајќи ја психичката рамнотежа. Во овој период, бебето бара многу внимание, па жената нема доволно време за спиење и одмор. Тоа доведува до исцрпеност, а испрекинатото спиење на родилката дополнително го отежнува надминувањето на почетната депресија.

- Емоционални промени

По породувањето, жената доживува големи промени кои ѝ претставуваат дополнителен „товар“, не замајќи ги предвид обврските кои ги има околу новороденчето. Ѝ се менува ритамот и начинот на спиење, односот со партнерот, а некои жени, без причина, премногу се грижат за здравјето на детето, што е уште едно оптеретување повеќе.

- Социјални промени 

Вообичаениот социјален мит дека жената треба да роди дете додека е помлада, ја поттикнува појавата на депресија затоа што младата жена не мора да биде спремна за мајчинство. Својата нова животна улога, улогата на мајка може да ја доживее како фрустрација заради губитокот на сопствената слобода и новите наметнати обврски. Покрај ова, се појавува тага заради губењето контакт со пријателите и прекинот на вообичаените социјални активности (излегување, дружење...). Доколку брачниот пар живее само од платата на мажот, таа млада мајка не придонесува за зголемување на домашниот буџет, па голема е веројатноста дека ќе биде зголемено и нејзиното чувство на беспомошност и безвредност.

- Други причини

Дополнителни фактори кои може да го зголемат ризикот од постпородилна депресија се: претходна појава на депресија кај жената или слични промени на психичката состојба во семејството, предпородилна депресија, лоши односи со партнерот или недостаток на партнер, недостаток на очекуваната поддршка во текот на или по породувањето, породилни компликации кај мајката и детето, раѓање на близнаци или повеќе бебиња, проблеми со здравјето на бебето, несакана бременост.

Како се лечи овој вид депресија?

Постојат различни начини на лечење на постпородилната депресија, а најчест е примена на терапија, со земање на соодветни лекови, советување и групни третмани. Како најефикасен начин на лечење се покажал земање на лекови против депресија во комбинација со психотерапија. Некои од лекарствата смее да се земаат и во текот на периодот на доење, но за тоа е потребна консултација со лекар. Самите лекови никогаш не се доволни, и нивното земање мора да биде пропратено и со психолошко советување.

Како да си помогнете сами на себе?

 - Имајте на ум дека овој стресен период нема да трае вечно.

- Обидете се да уживате во улогата на мајка и не си поставувајте премногу цели.

- Поедноставете си го секој ден колку е можно повеќе, не се оптоварувајте дополнително.

- Вклучете го партнерот или некоја друга блиска личност во грижата за детето како и околу куќните обврски.

- Прифатете ја туѓата помош, особено во првите недели. Разговарајте со пријателките за она што ве измачува, доверете им се и побарајате совет. Немојте да ги држите тагата и јадот во себе, туку исфрлете ги од себе!

- Барем еднаш дневно излезете од дома, дури и на кратко.

- Најдете слободно време за опуштање (на пр. лежете во када или прошетајте), одморете се  или отспијте додека спие бебето.

- Погрижете се за сопственото здравје и задржете ја смислата за хумор.

- Настојувајте да одржувате активен друштвен живот. Дружете се со младите мајки кои живеат во ваша близина или повикајте ги старите пријателки.

Ако и покрај сите овие мерки сепак чувствувате промени во однос на своето нормално однесување или чувства,  што поскоро побарајте помош од лекар.

Како да побарате помош од другите?

Може да ви помогне разговор со партнерот или жените кои имале слично искуство. Меѓутоа, најверојатно ќе ви биде потребна и професионална помош, па би било добро да се обратите кај некое стручно лице за овој вид на депресија. Исто така, и општ лекар може да направи проценка на вашата психичка состојба, да ве посоветува или да ве упати кај соодветен специјалист.

Дали знаете?

Кај 3% од жените, симптомите на постпартална депресија се толку многу изразени што жената не размислува за ништо друго, освен за тоа како да изврши самоубиство!

Што е ПП? (пуерперијална психоза)

Се работи за пореметување кај кое доаѓа до губење на допир со реалноста. Жената може да има халуцинации, да слуша гласови и да гледа нереални слики.

Кога се појавува?

Во 97% од случаите пеурперијалната психоза се јавува во тек на првите две недели по породувањето.

Како се лечи?

Во идеални услови, со земање на антипсихотични лекови и со добра болничка нега, повеќето жени се опоравуваат во рок од три недели.

Мајките раскажуваат:

Се плашев дека ќе го повредам детето. Додека бев бремена, јас и Драган бевме пресреќни. Едвај чекавме да станеме родители и постојано разговаравме за тоа. Породувањето помина добро, немаше компликации, но се осеќав како да сум доживела нешто страшно. Кога се вратив дома, состојбата ми се влоши. Немав доволно млеко, Огнен плачеше без престан, една недела немав спиено... бев нервозна, исплашена и исцрпена... Тогаш Драган ги замоли неговите да го земат Огнен кај нив на еден ден за да може да се наспијам. Кога се разбудив наредниот ден, ме обзеде едно чудно чувство кое не можев да го објаснам. Кога ме праша Драган: „Што е со тебе?“, му одговорив: „ Не сакам твоите да го вратат Огнен“. И тогаш се расплакав и со саати не можев да се смирам . Подоцна и чудни мисли ме обзедоа - да го фрлам Огнен низ прозор или да го оставам сам во када... Толку се уплашив од тие идеи што се одлучив да побарам стручна помош. Се обратив кај психијатарот од клиниката. Тој ме сослуша и ме советуваше да ја повикам сестра ми некое време да поживее кај нас додека не се подобри мојата состојба. Освен тоа, ми објасни од какво пореметување патам и ми препиша лекови... Пиев антидепресиви осум месеци и еднаш неделно одев на психотерапија, но во совладувањето на проблемот најмногу ми помогнаа сопругот и сестра ми. Без нивната поддршка, моето опоравување сигурно ќе траеше многу подолго... Мојот Огнен сега има три години, здраво и весело момче, а со сопругот планираме да имаме уште деца.“

 

 

 

 


 

 

 Babytol baner

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama