Фински истражувачи во текот на своите истражувања дојдоа до податоци дека бебињата кои во првата година од својот живот растат со кучиња како домашни миленичиња во просек се поздрави од оние бебиња кои растат во дом коj нема домашно милениче.

Овие бебиња во просек поретко настинуваат или заболуваат од  воспаление на средното уво, а во првата година од животот многу помалку им се потребни антибиотици.

„Мачките исто така позитивно влијаат на здравјето на бебето, но не во иста мера како кучињата“, истакнува финскиот истражувач Д-р Еја Бергрот.

„Најголем ефект е забележан кога бебињата имаат контакти со куче , но не сме утврдиле зошто тој контакт е поголем отколку оној со мачките, вели д-р Еја Бергрот. Тоа можеби има некаква врска со бактериите кои кучињата ги внесуваат во куќата, затоа што најголемиот заштитен ефект е постигнат кај децата кои живеат во куќи чии кучиња поминуваат доста време надвор.“

Претходните студии покажале дека децата кои живеат на фарма многу поретко заболуваат од астма од другите деца. А и некои други студии покажале дека децата во домовите каде има куче поретко настинуваат од другите деца.

За да ја согледаат ситуацијата одблизу, истражувачите од Финска ја следеле здравствената состојба на 397 деца од третиот треместар на бременоста па сѐ до 12 месеци од нивниот живот. Истражувањето било спроведено во Универзитетската болница Куопио во Финска, во периодот од септември 2002 до мај 2005 година. Родителите пополнувале неделен дневник со детални инфорамции за здравјето на своето дете и ги бележеле контактите со кучиња и мачки.

 

Резултатите ги споредувале со здравјето на децата кои немале контакт со куче (со оние кои во домовите немале домашни миленичиња).

Децата кои имале домашно милениче во просек имале:

• Помалку проблеми со респираторните патишта и помалку инфекции

• Поретко воспаление на средно уво

• Помала потреба од антибиотици

Што е причината за оваа разлика?

Не е јасно зошто децата кои живеат со кучиња  се поздрави.

Тоа можеби има некаква врска со кучињата како животни, велат истражувачите. „Можеби животната средина влијае на тоа бидејќи тие деца обично живеат во селска или приградска средина, така што можно е градската или приградската средина различно да влијаат на здравјето на детето.“

 

Некои научници застапуваат ново мислење: „Имунолошкиот систем на детето најдобро созрева кога децата се изложени на бактерии во определена количина, затоа што преголемо изложување на бактерии не е здраво, а и стерилните куќи (без клици) не придонесуваат за подобро здравје кај децата.

Ваквото мислење го застапува и Д-р Карен Де Мут, асистент на педијатрија на Универзитетот Емори во Атланта:  „Раното изложување на организмот  (во младоста) на широк спектар на микроорганизми овозможува тие да се мешаат со микроорганизмите во цревата и понекогаш му помагаат на имунолошкиот систем, додека понекогаш реагираат бурно, па предизвикуваат алергии.“

Размислувањата се интересни, но сепак целиот процес е комплициран, затоа што е многу тешко да се најде правилна количина на микроби на кои треба да се изложи организмот, за тие таканаречени добри бактерии и микроби во нашите црева да помогнат и да не заштитат од алергии и инфекции.

 

Кучињата не се за сите деца

Кучето како домашно милениче можеби може да ги заштити децата од кашлица и од респираторни инфекции, но ова излолжување на детето мора да се случи многу рано (кога е бебе).

Се поставуваат и многу други прашања: „Што е со родителите кои и самите се алергични на кучиња или мачки? Дали и тогаш би требало да се донесе домашно милениче во куќата заради здравјето на детето кое ќе се роди?“

Доколку некој во семејството е изразено алергичен на кучиња или мачки, тогаш сигурно домашното милениче не треба да се чува во куќата, туку да побарате поинаков начин за да го подобрите здравјето на детето.