Дојде време за втората колумна на еден татко на две ипол годишно дете. Е да, секој што мисли дека е лесно да бидеш татко, па нели мајките најчесто го носат целиот товар, се лаже.

Ама ова се однесува за оние татковци кои се баш тоа. Улогата на таткото не е лесна, и за детето (идниот човек) е непроценлива. Јас ќе си пишувам денес, и понатаму, а Вие определете сами што и како ќе правите со Вашето дете, без разлика дали имате улога на татко, мајка или и двете. Пред некој ден, си шетаме со моето дете низ еден маркет и купуваме нова мала количка. Стигаме дома и сваќаме дека детето има колички куп, мали, големи, на навивање, на батерии, со врвка, вовче, сѐ на тркала... Се собрале така колички куп и фаќаат прашина, ретко некогаш детето ќе ги фати и ќе ги џитне на другиот крај на собата, нели колку да не биде средено ни 5 минути по дома.

Попладнето врткајќи ја новата количка низ прсти се сетив на една игра која ја игравме како деца пред зграда:  1...2...3...  Ете баш така се викаше играта, еден два три (машките читатели кои ќе додржат да читаат до тука ќе се сетат на играта, па веројатно ќе се решат да жртвуваат уште некоја минута за да стигнеме до крај).

Решив да ја земам таа количка, новата нели, и уште неколку од тие што ги имавме и да го заиграм малку детето. Види чудо, син ми (има 2,5 години) седна на земја до мене, и почнавме да ги возиме. Оваа е полициска, овие се тркачки коли, двете се бркаат, ова е булдожер, брррмммм, ова е мешалица за бетон. Па тука има пруга (прагот на вратата), па како поминуваат колите преку пруга, од страна иде вовчето, тутууууу... Детето дава предлог, татооо, да возат по пат (тесен дел од паркет меѓу тепихот и ѕидот). Колите поминуваа по патот, па преку мост (ногата на тато), под тунелот (детското столче), ги паркиравме во гаража една до друга покрај шкафот, ги редиме и една врз друга колку да видиме што ќе се случи...

Во еден момент станува и вика: „Чекај тато...“, оди во другата соба кај што стојат играчките и се враќа со сите можни играчки со тркала во раце, колички кои досега стоеа и никој не ги играше. Па се договараме, ова тато е автобус, ова е пожарникарна кола, па ги паркираме сите, ги возиме и многу бррррммммммммм–чиме... После 2 часа едвај го натеравме детето да си легне, со договор дека утре пак ќе си играме со количките. 

Утредента си размислувам за играчките и купувањето, дека денешниве деца (машките) сакаат да им купуваш акциони херои (спајдер мен, бетмен, бен-тен, бакуган... ). Сватив, можеби сум грешка, дека токму овие ликови ги има во цртаните, оние цртани кои децата за жал во денешно време со саати ги гледаат на ТВ,Cartoon network, Boomerang, на интернет или на компјутер. Да, кругот се затвара со купување на истата играчка која ја гледаат цел ден на цртаните, која е насилна и која најверојатно после 2-3 дена мерак, долго ќе фаќа прашина. Можеби за среќа на колумнава, оваа недела имаше и еден роденден на кој бевме, во игротека. Повеќето деца не си играа, верувајте, она што се случува во игротеките не е играње. Може да се каже – најскромно, дивеење. Дали причината за ова е поврзана со играта, т.е. со времето кое детето го поминува во игра со родителите? Вие што мислите?  

Детето е социјално суштество, на кое повеќе од се му е потребно внимание и комуникација, разговор, објаснување, игра. Ако знае да си игра, детето ќе си игра и во игротека. И таму ќе ја развива својата креативност, ќе гради систем и ќе учествува во систем, без разлика дали е тоа качување по некое јаже, преминување на некоја препрека, спуштање на лизгалка или слично. Ако не знае да си игра, детето ќе ја празни својата енергија преку безглаво и бесцелно качување, скокање, превртување во неодреден ритам и насока, растурајќи играчки на сите страни, буткајќи се со другите деца кои се движат слично како него. Можеби енергијата на детето која се акумулира пред ТВ или пред компјутер се канализира на ваков начин. Не се обидувам да погодам. Мене овој начин на игра ми е чуден и дури неверојатен, верувам дека има барем некој кој дошол до сличен заклучок при посета на скопските игротеки.

Често ќе рече некој родител: „Абе детево куп играчки има дома, не си игра, само досаѓа и ти се плетка низ нозе. Кога ќе му пуштиш цртан, барем саат два си раат.“ Неспорен факт е дека детето и за да си игра, треба некој да го научи да си игра. А за тоа не требаат некакви скапи играчки, треба само време, и тоа дел од времето на родителите.

Забелешка: Текстот нема намера да Ве учи како да играте со своето дете, ниту како да го воспитувате, туку да прикаже дека и без големи финансии и секојдневно купување на играчки, лесно може детето да го воведете во светот на играта и фантазијата, преку што тоа постојано учи и станува вистински разумен човек.


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama