Советот на родители на организацијата Лулка Ви подарува искрена приказна од еден храбар татко кој одлучува да се грижи за своето мало бебе, во услови кога неговата жена мора да се врати на работното место, кратко откако се породила. Традиционално, мајките биле целосно ангажирани во делот околу негата, грижата и воспитувањето на децата, а во исто време и за  комплетна грижа за домот.

 

Многу од мајките биле невработени, имале статус на домаќинки, а сопругот, таткото, работел и заработувал за живот. За жал, одамна една плата не е доволна за квалитетен и достоинствен живот. Во денешно време, дури и кога двајцата родители работат, приказната се повторува. Мајката, често и пред да заврши породилното боледување, поради различни причини приморана да се врати на работа. Така, доаѓа моментот кога се поставува прашањето кој ќе се грижи за новиот член во семејството. Ова е една таква приказна.

stock photo 68995947 1А.Т. 36 години, татко на 2,5 годишно дете од Скопје

Со нетрпение го очекував своето дете. Дојде на свет, а ние со сопругата бевме толку возбудени и збунети. Се беше така брзо, брзо поминаа тие 9 месеци, а уште побрзо и овие 2,5 години откако го имаме нашето синче.

На почетокот бев исплашен и неможев ни да го кренам тоа мало суштество од 3,5 кг. Мислев дека ќе ми се стопи во рацете, ќе се скрши, ќе ми падне...

Грижата за бебето до 5 месец беше 80% на сопругата. Помагав, но некако не се чувствував компетентно, како да мајката е таа што е главна. Немав ни време, на работа по цели денови. Но, сето тоа се смени кога на сопругата и понудија солидно унапредување, доколку се врати порано на работа. Многу размислувавме, разговаравме, и на крај решивме дека ако таа тргне на работа, ќе биде најдобро за сите. И онака многу време губев на работа, а финансиски воопшто не беше исплатливо.

И дојде тој ден, кога требаше за првпат да сме сами со мојот син. Бев многу уплашен, збунет, но и среќен што ќе ја имам можноста да го гледам како расте секој ден. Бевме сами околу 9 часа, речиси секој ден. Олеснителна околност за мене беше што пиеше адаптирано млеко, па во однос на храна на почеток добро се снајдов. Но имав проблем со најбанални работи, како преслекување, дали е гладен, дали му е топло, дали сака да си игра... но, за недела–две влеговме во шема. Навистина беше тешко, но тоа беа слатки маки.

Досега веќе имам променето можеби шлепер пелени, а сам подготвував кашички, од кромид до авокадо. Имаше денови кога беше болен, кога беше кенкав, плачлив, кога ја бараше мајка му,... но во тие моменти незнам да кажам како се снаоѓав, едноставно се снајдов. Тоа е тоа, јас сум тука за него и нема каде да се бега. И мислам дека ова беше најдобрата одлука што ја направивме, освен што сопругата знае понекогаш да ни биде љубоморна на нашите игри.

Да бидам искрен, не верував дека вака ќе испадне и дека јас ќе го чувам детето, не верував дека ќе станеме најдобри другари и дека ќе си играме криенка заедно. Понекогаш се запрашувам, дали знаат што СЀ пропуштаат татковците...

Му Благодариме на овој храбар татко што ја сподели својата приказна со Советот на родители на организацијата ЛУЛКА.


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama