Азооспермијата претставува недостаток на сперматозоиди во семената течност. Азооспермијата може да биде опструктивна и неопструктивна.
Опструктивната азооспермија се карактеризира со нормална функција на тестисите. Недостатокот од сперматозоиди е разултат на препрека во изводните семени канали. Оваа појава е резултат на вроден дефект на изводните канали или претходна инфекција со гонореа, кламидија, туберкулоза или инфекција на простатата.
Неопструктивната азооспермија се карактеризира со нефункционирање на машките полови жлезди (тестиси) и комплетен недостиг на сперматозоиди. Најчеста причина за овој тип азооспермија се генетските пореметувања во развојот на машките полови жлезди, крипторхизам (неспуштени тестиси), радиотерапија и хемотерапија, воспаление на тестисите како компликација на паротит (заушки) и слично.
Опстуктивниот и неопструктивниот тип азооспермија се разликуваат по нивото на машкиот полов хормон тестостерон во крвта. Кај опструктивната азооспермија имаме нормална функција на тестисите и нормално ниво на тестостерон во крвта, за разлика од неопструктивната каде нивото на тестостерон е релативно ниско.
Доколку се утврди недостаток од сперматозоиди, во лабораториски услови се врши центрифугирање на спермата и испитување на седиментот за евентуално присуство на мал број живи сперматозоиди. Ако се пронајдат, овие сперматозоиди може да послужат за директно интрацитоплазматско инјектирање во јајце-клетката како решение за проблемот со неплодноста.