Кај мажите, неплодноста е застапена со 5%. Машката неплодност е причина за половината од двојките кои имаат проблеми со зачнувањето.
Машката неплодност начесто е резултат на пореметување во процесот на создавањето на сперматозоидите. Најчесто не е предизвикана од некој специфичен фактор, туку кај овие мажи има помал број на сперматозоиди кои имаат помала подвижност и неправилна форма. Ова комбинирано пореметување на сперматозоидите е наречено олигоастенотератозооспермија. Во овој случај сексуалната функција на мажот е нормална, но оплодувањето е отежнато.
Причината за машката неплодност најчесто е непозната, т.е не постои некоја конкретна причина за нејзино настанување. Кај еден помал дел од машката популација која го има овој проблем, причина може да биде претходна генитална инфекција кај мажот, неодамнешно прележување на потешка заразна болест, зголемено консумирање алкохол и наркотични средства, користење на одредени лекови, зрачење, хемотерапија итн.
Решението за овие двојки најчесто е асистирано оплодување. При тоа, со современи методи се врши обработка на семената течност и се добива примерок со поголема густина на квалитетни сперматозоиди. Потоа може да се изврши инсеминација, ин-витро фертилизација или да се премине кон интрацитоплазматско инјектирање на еден сперматозоид во јајце-клетката на жената. Овие методи се особено успешни доколку жената е помлада од 35 години.
Од методите на асистирана репродукција најпрво ќе ја споменеме интраутерината инсеминација. Оплодувањето се врши со вбризгување на претходно подготвен готов примерок од 3 – 5 милиони сперматозоиди во матката на жената. Услов за успех на оваа метода е присуство на овулација кај жената и проодни јајцеводи, како би дошло до контакт на јајце-клетката со сперматозоидите. Со истовремено поттикнување на овулацијата кај жената, оваа метода дава доста позитивни резултати.
И ин-витро фертилизацијата (IVF) е значајна во третманот на машката неплодност. Притоа се врши изолација на еден до два милиони подвижни сперматозоиди, кои се поставуваат во медиум со јајце-клетката која треба да ја оплодат. И оваа метода има успех, но сепак, статистиката покажува дека најлоши резултати се добиваат кај случаите каде мажот се бори со неплодноста, во споредба со сличните третмани на женската неплодност.
Доколку оваа метода не е успешна или пореметувањето на сперматогенезата не дава доволен број сперматозоиди за ин-витро, се преминува кон директно вбризгување на единечен сперматозоид во јајце-клетка од жената (интрацитоплазматско инјектирање). За оваа метода доволен е само еден квалитетен сперматозоид. Доколку постои пречка во изводите канали на мажот, овој единствен сперматозоид може да се добие и по хируршки пат од тестисите.