Ви доцни менструацијата веќе неколку дена? Дали Ви е позната дилемата? Дали сум бремена... треба да се вклучи алармот, да се посети гинекологот или... Денес е барем лесно. Ќе си речете – домашните тестови за утврдување на бременоста се допстапни во сите аптеки. Тоа е апсолутно точно и нема ништо лошо во тоа да ги употребите. Денес постојат огромен број фармацевтски куќи кои ги нудат, па може да се запрашате кој е вистинскиот тест за Вас.
Во суштина принципот кај сите тестови е ист. Детектирање / прикажување на присуството на хормон кој се создава уште во почетокот на бременоста, познат како Beta HCG. Всушност целиот хормон HCG (Хуман хорионски гонадотропин) се состои од две подединици, алфа и бета ланец. Алфа ланецот е ист и заеднички за неколку хормони, додека ланецот бета е карактеристичен за бременоста. Затоа токму бета ланецот се користи за потврдување или исклучување на бременоста. Beta HCG, наречен уште и хормон на бременоста, почнува да се создава кога оплоденото јајце ќе се вгнезди во ѕидот на матката. Ова вообичаено се случува околу 6 дена по оплодувањето, а практично може да се открие во урината или крвта на жената во тек на осмиот или деветтиот ден по овулацијата. Концентрацијата на овој хормон драстично расте од почетокот на бременоста, достигнува пик (највисока вредност) околу 10. недела од бременоста. Потоа постепено паѓа до определена пониска вредност околу дваесеттата недела и го задржува тоа ниво до крајот на бременоста. Нивото на beta-HCG би требало да се удвојува на секои два дена во текот на првите четири недели од бременоста.
Постојат два типа на тестови за бременост. Едниот го детектира хормонот на бременоста beta-HCG во крвта на бремената жена, значи се зема примерок на крв од вена, а другиот тип тестови го дететктира хормонот во урината на бремената жена. За тестирање преку урина жената може да ги употреби тестовите за бременост за домашна употреба. Овие тестови се квалитативни, односно тие го покажуваат само присуството или отсуството на хормонот на бременоста, но не и точната концентрација на хормонот во организмот на жената. За тестирање преку примерок на крв потребно е да се посети гинеколог.
Во денешно време повеќето жени најпрво го употребуваат тестот преку урина за домашна употреба кој е лесен за употреба, евтин и интимен. Доколку домашниот тест е позитивен, жената треба да го посети гинекологот кој можеби ќе направи и тест за бременост преку анализа на крвта. Како рутинска процедура гинекологот ќе направи клинички и ултразвучен (ехо) преглед, вообичаено 7-10 дена по изостанокот на менструацијата. Со ова се заокружува дијагностичката постапка во раната бременост. Истовремено, гинекологот дава и насоки и совети за понатамошниот тек на бременоста и потребните прегледи и анализи за соодветно контролирање на состојбата на плодот и идната мајка.
Во однос на тестовите за бременост од крв, постојат два типа вакви тестови:
- квалитативни – кои покажуваат само присуство или отсуство на хормонот и
- квантитативни – кои ја мерат точната количина на хормонот beta-HCG, т.е. определуваат негов титар во плазмата, па оттука тие се најпрецизни и најрелевантни.
Овој тип тестови, квантитативните, не се употребуваат рутински во секојдневната пракса. Овој тест се прави при појава на определени патолошки состојби во текот на бременоста, за да помогне во утврдување на вистинската дијагноза. Значи овој тест се прави по определена индикација и има клиничко значење за состојбите како што се вонматерична бременост, претечки абортус, хидатидна мола итн.
Повеќето производители на тестови за домашна употреба тврдат дека можат да ви кажат дали сте бремени уште на денот на очекуваната менструација. Сепак, тие не даваат така прецизни резултати. Се покажало дека најдобар период за правење на овие тестови е најмалку 5 до 7 дена по датумот на очекуваната менструација, со што би се добил попрецизен резултат.
Постојат голем број различни типови тестови за домашна употреба кои го детектираат хормонот beta-HCG во урината. Најпопуларните и најчесто употребувани тестови се користат на ист, веќе востановен начин. Тестот се состои од лента, популарно наречена стик, која треба да се стави во сад со штотуку собрана урина или да се потопи со млаз урина. Потоа треба е да се почека од една до неколку минути, во зависност од тоа како е наведено во упатството. Откако ќе измине наведениот временски интервал, следи читање на тестот.
Доколку резултатот на тестот е позитивен, најчесто тоа се регистрира со појава на втора линија до претходно постоечката или појава на некој друг симбол на тестот. Ваков резултат значи дека жената е бремена. Притоа треба да се нагласи дека најважна е појавата на линијата, а не нејзината дебелина. Жената не е бремена доколку не се појави втора линија или симбол. Се смета дека тестирањето на првата утринска урина може да ја зголеми прецизноста на тестот и точноста на резултатот. Повеќето тестови имаат контролен знак (индикатор) во прозорчето каде се чита резултатот. Ваквиот индикатор претставен со линија или симбол покажува дали тетсот е исправен или не. Доколку контролниот индикатор не се појави значи дека тестот не е исправен и не треба да се употребува.
Најчесто фармацевтските куќи кои ги нудат овие тестови им препорачуваат на корисниците да го повторат тестот по неколку дена, без оглед на првичниот резултат. Еден негативен резултат, особено ако е направен многу брзо по изостанокот на менструацијата, не значи секогаш дека жената не е бремена. Затоа, во секој од овие тестови постои и пишано упатство за начинот на нивна употреба.
Прецизноста на тестовите зависи и од други фактори: на пример колку време е поминато од овулацијата до имплантацијата (вгнездувањето) на оплоденото јајце. Тестовите за бременост го регистрираат хормонот beta-HCG кој почнува да се создава откако оплоденото јајце ќе се вгнезди во ѕидот на матката. Во повеќето случаи ова се случува 6-тиот ден по оплодувањето, но кај 10 % од жените овулацијата, оплодувањето и имплантацијата може да се случат и подоцна. Затоа се препорачува повторување на тестот по неколку дена. Други фактори кои влијаат на прецизноста се правилното користење на тестот, сензитивноста (осетливоста) на тестот итн.
Повеќето тестови за бременост прокламираат точност од 95-99%, но и овој параметар многу зависи од сензитивноста на тестот и од другите околности кои се опишани погоре. Сензитивноста на тестот е дефинирана според нивото на beta-HCG во урината . Колку пониско ниво на beta-HCG тестот може да регистрира, толку тој е поосетлив и позитивен порано во бременоста.
Понекогаш се добиваат лажно негативни резултати (тестот е негативен, а жената е сепак бремена). Ова воообичаено се случува ако тестот се направи рано, кога концентрацијата на beta-HCG во урината е многу ниска. Доколку и по повторувањето на тестот резултатот е негативен, а жената сеуште е во дилема дали е бремена или не е, треба да се посоветува со гинеколог.
На крајот би требало да проговориме и за тоа дали некои лекови или супстанции може да ја намалат точноста на тестот, особено кај тестовите за домашна употреба. Само лековите кои во себе содржат beta-HCG, какви што се лековите за третман на неплодноста, може да дадат лажно позитивен рзултат. Во овој случај жената не е бремена, а тестот покажува дека е бремена. Антибиотиците и оралните контрацептиви се смета дека не влијаат на резултатот од тестот за бременост. Исто така и алкохолот и наркотиците не влијаат на резултатот, но се разбира дека препораката е за секоја жена која сака да забремени или се сомнева дека е бремена да не ги употребува.
Др. Оливера Арнаудова
- Специјалист по гинекологија и акушерство -