Интраутерината влошка или попозната како спирала е само еден од методите за планирање на семејството. Taa се аплицира во матката и претставува долготрајно реверзибилно средство за заштита од несакана бременост или контрацепција.

Постојат два типа на интраутерини влошки, и тоа бакарни интраутерини влошки и медицирани интраутерини влошки односно т.н. интраутерин систем – МИРЕНА.

Медицираните (хормонски) интраутерини контрацептиви се сметаат за посебна метода за планирање на семејството зошто во себе содржат и активна супстанција - хормон. Првата спирала била изработена од германски гинеколог, во 1909 год., а комерцијално се користи од 1929 год. Во светот постојат околу десеттина различни видови бакарни спирали (нивните имиња се различни, во различни делови од светот). Единствената медицирана  спирала е интраутериниот систем – МИРЕНА.

Бакарните спирали (интраутерини влошки) - дејствуваат  така што  влијаат  врз подвижноста на сперматозоидите и на тој начин го спречуваат оплодувањето на зрелата јајце клетка. Тие исто така делуваат и на лигавицата на матката, правејќи го нејзиниот зид неповолен за всадување на оплодената јајце клетка. Бакарната спирала може да влијае на менструалниот циклус и да го направи пообилен и подолготраен. Вообичаено остануваат во матката до 5 години . Нивната ефикасност е 99%. Тоа значи дека помалку од две жени од 100 ке забременат во период од 5 години.

 

Интраутерин систем  – МИРЕНА (контрацепција на 21 век)

Интраутериниот систем е мала, нежна, флексибилна Т-рамка, кој се аплицира во матката со цел превенирање на непланирана бременост. Овој систем ослободува мали количини, на  levonorgestrel, (прогестоген хормон) директно во матката. Тој дејствува на тој начин што ја прави слузта на грлото на матката густа , непропустлива за сперматозоидите, а воедно ја намалува подвижноста на сперматозоидите и ја истенчува лигавицата на матката, со што  ја прави неповолна за всадување на оплодена јајце клетка. Може да остане во матката до 5 год. Ефикасноста на интраутериниот систем е близу 100% и се споредува со стерилизација кај жена.

Главната разлика меѓу бакарната интраутерина влошка и интраутериниот систем – Мирена е фактот дека за разлика од бакарната интраутерина влошка, интраутериниот систем ја намалува количината на менструалното крварење и менструалните грчеви.

 Освен како метода за планирање на семејството, т.е. контрацепција, интраутериниот систем се препорачува како ПРВ избор во  терапија на обилни, продолжени и болни менструални крварења. Со интраутериниот систем - Мирена менструалните крварења стануваат пооскудни, пократки и побезболни, но може и сосема да престанат, што не бара никаков лекарски третман и не значи дека жената е бремена.

Пред  апликацијата на системот, потребно е да се направи комплетен гинеколошки  преглед, за да бидеме сигурни дека  репродуктивните органи се со нормална анатомија и нема присуство  на инфекција. Апликацијата може да се изврши во било кој период од месечниот циклус, но најдобро е во текот на првите 7 дена од менструалниот циклус, поради тоа што веројатноста за можна бременост е минимална . Овој тип на долготрајна контрацепција може да се инсертира и веднаш после абортус и по породување откако матката ќе се врати во првобитна состојба, а тоа е шест недели по породувањето.

Апликацијата на интраутериниот систем ја врши добро обучен специјалист-гинеколог. Целата постапка е безболна и не е потребна анестезија.

Интраутериниот систем – Мирена е долготрајна, високо-сигурна, реверзибилна контрацепција која добро се поднесува и несаканите дејства се јавуваат ретко. Фертилноста е зачувана  т.е. може да забремените веднаш откако ке ја извадите спиралата. Треба да напоменеме дека спиралата не штити од сексуално преносливи болести.

 

Зошто Интраутериниот систем  – МИРЕНА е контрацепција на 21 век

Интраутериниот систем  претставува флексибилна контрацептивна опција погодна за жени кои имаат потреба од метод за планирање на семејството на кој нема да мислат секој ден, недела или месец. Тој е реверзибилен контрацептивен метод за жени кои планираат да имаат уште деца во иднина, како и оние кои се задоволни со големината на своето семејство.

Со Интраутериниот систем ќе бидат задоволни и жените кои се соочуваат со тешки, обилни менструални крварења. 

Интраутериниот систем се  препорачува како безбедна контрацептивна опција и за време на доење. 

Вистинската информација за тоа која контрацепција е најсоодветна за одредена жена, нејзината здравствена состојба и нејзиниот животен стил , треба да се побара од експерт (гинеколог). Само на тој начин жената во соработка со гинекологот ќе ја добие вистинската информација битна за вистинската одлука.

 

Д-р Вероника Кокоромановска - гинеколог - акушер


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama