Близнаци се деца кои произлегуваат од иста бременост. Близнаците може да бидат еднојајчни (монозиготни) – „идентични“, што значи дека двете бебиња се развиваат од една оплодена јајце клетка (зигот) која се дели и формира два ембриони, или двојајчни (дизиготни) – кои се развиваат од две различни јајце клетки кои биле оплодени од два различни сперматозоиди.
Стапката на раѓање на близнаци во САД пораснала за 76% од 1980 до 2009, или пораст од 18.9 близнаци на 1000 раѓања на 33.3 близнаци на 1000 раѓања. Племето Јоруба во Африка има најголем број близнаци во светот, 45 - 50 близначки парови (или 90 – 100 близнаци) на 1000 раѓања, што е можеби предизвикано од конзумирањето на еден вид сладок компир кој содржи природен фитоестроген, кој пак ги стимулира јајниците истовремено да ослободуваат по една јајце клетка од секоја страна (од секој јајник). Меѓу највисоките стапки на близначки раѓања во светот се забележани исто така низ Централна Африка, каде има 18-30 близначки парови (или 37 – 62 близнаци) на 1000 живи раѓања. Во Латинска Америка и Јужна и Југо-Источна Азија се забележани најниски стапки, само 6 – 9 близначки парови на 1000 живородени деца. Северна Америка и Европа имаат средна стапка од 9 – 16 близначки парови на 1000 живородени. Поради лимитираната величина на мајчината утроба (матката), значително е намалена веројатноста близначките бремености да се износат до крај. Во просек близначките бремености траат 37 гестациски недели (единечните просечно траат околу 40). Жените кои имаат семејна историја на двојајчни близнаци имаат поголема шанса и тие самите да имаат таква бременост, затоа што постои генетски поврзана тенденција за хиперовулација.
Нема позната генетска причина и поврзаност за појавата на идентични еднојајчни близнаци. Други фактори кои ги зголемуваат шансите за раѓање на двојајчни близнаци се возраста на мајката, лековите и другите третмани за плодност, потоа исхраната и типот на претходните бремености (дали веќе имало или немало близнаци).