Гениталниот Human Papilloma Virus (HPV) e DNK вирус, oд групатa нa papovirusi и е основниот етиолошки агенс кој е одговорен за иницирање и развојот на карцином на грлото на матката.
Меѓутоа тој сам по себе не е доволен за развој на карциномот, туку потребни се и некои кофактори, како: генетски фактори, имунолошкиот одговор на организмот, пропратна инфекција со други сексуално преносливи болести, промискуитетно однесување, пушење и др.
Oткриени сe повеќe oд 130 типови нa HP Virus, oд koи повеќe oд 30 видови предизвикуваат промени на кожата и слузокожата на аногениталната регија. Гениталниот HP Virus се пренесува сo полов кoнтакт и е една од најчестите сексуално преносливи болести. Можна е, но многу ретко, и неполова трансмисија. Инфекција предизвикана од еден тип на ХПВ, не овозможува заштита од другите типови на ХПВ. Помеѓу 50-75 % од сексуално активната популација (и мажи и жени) се заразуваат со некој тип на овој вирус, но повеќето нема да знаат дека биле заразени, затоа што вообичаено не покажува никакви симптоми, што значи дека тие може да го пренесуваат вирусот на други, а без да знаат за тоа.
Постојат нискоризични, средноризични и високоризични типови на гениталениот Human Papilloma Virusi.
1. Типовите со низок онкоген ризик (тип: 6,11,42,43,44...), најчесто се поврзани со бенигни промени на кожата и слузокожата на аногениталната регија, наречени кондиломи (генитални брадавици). Во 90 % од случаите,кондиломите се предизвикани од HPV тип 6 и HPV тип 11. Во просек, кај околу 65 % од луѓето, кои имале сексуален контакт со партнер што е заразен со вирусот ќе се јават кондиломи.
Може да се појават од неколку недели, па до неколку години после сексуален контакт.
Кондиломите може да се јават поединечно или да се повеќе на број, групирани и со различна големина. Зависно од локализацијата, може, но не мора да се јават симптоми од типот: печење, чешање, дискомфорт, болка при сексуален однос и сл. Се третираат и отстрануваат на повеќе начини, но може повторно да се јават.
2. Типовите со среден и висок ризик (тип: 16, 18, 31, 33, 34, 35, 39, 42, 45, 51, 52, 55, 56, 58 ...), може да предизвикаат клеточни, прекарциногени промени на гениталните органи, кои може да преминат во карцином , во текот на неколку години ако не се лечат. Најчести причинители на цервикалниот карцином (во околу 70 % од случаите), се HPV тип 16 и HPV тип 18. Присуството на ваков тип на ХПВ, не значи дека личноста има карцином. Затоа е многу важно редовно посетување на гинеколог и земање на брис за Папаниколау, додатни прегледи и тестови и лечење ако се пронајдени било какви абнормалности на клетките. PAP тестот не е директен тест со кој се открива Хуман Папилома Вирусот, туку со него се гледа дали постојат промени на клетките предизвикани од вирусот.
ХПВ кај мажи
Типовите на ХПВ со висок онкоген ризик, може да предизвикаат карцином и кај мажите (на пенис, скротум, проста и анус), но многу поретко отколку кај жените. Ризикот од анален карцином е 17 пати поголем кај сексуално активните хомосексуалци и бисексуалци. Некои доктори се повикуваат на анален ПАП тест, како и HPA-DNA тест од уретра, но тоа не е рутински тест за мажите, кој би го докажал присуството на високоризичен ХПВ.
Типовите на ХПВ со низок онкоген ризик, предизвикуваат појава на аногенитални кондиломи (брадавици), кој се третираат исто како и кај жените.
ХПВ и бременост
Бремените жени рутински на се тестираат за Human Papilloma Virus.
Присуството на Хуман Папилома Вирусот, не интерферира со можноста да се забремени.
Не постои поврзаност меѓу ХП Вирусот и спонтан абортус, предвремено породување или други компликации поврзани со бременоста.
Ризикот од трансмисија на ХП Вирусот на плодот е многу мал (околу 1 % или кај 1 дете од 100.000). Во најголем број случаи, имуниот систем на бебето успева да го совлада вирусот без појава на било какви симптоми или компликации.
Потребно е редовно мониторирање (земање на брис за ПАП) и за време на бременоста. Во случаите кога жената има високоризичен ХП Вирус и ако се јават или веќе постојат промени на клетките од лесен степен (CIN I), доволна е опсервација, со повторување на ПАП брисот и колпоскопија (колпоскопијата опфаќа евалуација на грлото на матката, вагината, вулвата и перинеалната регија, со помош на оптички апарат).
Во сите други случаи, следењето, дијагностичките постапки и третманот, зависат од наодот и од гестациската недела.
Според некои истражувања, можна е прогресија од полесен кон потежок степен на дисплазија, кај 17 % од трудниците. Кај 21% остануваат непроменети, а кај 19,5 % сосема исчезнуваат после породувањето.
Ако бремената жена има генитални кондиломи, поради имунолошки и хормонални промени во организмот на жената, ретко, но може да се случи да се зголеми нивната бројност, да крварат, или да пораснат па да предизвикаат потешкотии со уринирањето или да го блокираат родилниот канал. Брадавиците може безбедно да се третираат и за време на бременоста, но лечењето може да се одложи и за после породувањето.
Многу ретко, но може да се случи, бебето кое е изложено на ХПВ да се зарази, па кај него да се јават кондиломи на гласните жици во тек на раното детство. Таквата состојба се нарекува рекурентна респираторна папиломатоза или ларингеална папиломатоза.
Денес постои четиривалентна ХПВ вакцина. Таа е направена со рекомбинирана технологија од квасни габички и содржи таканаречени прочистени слични на вирусот честички од четирите, најчести типови на вирус: високоризичните ХПВ тип 16 и тип 18 и нискоризичните ХПВ тип 6 и тип 11.
ХПВ вакцината не е наменета за лекување на карциномот на грлото на матката. Не штити од други типови на ХПВ и сексуално преносливи болести.
Вакцинираните жени и девојчиња треба да продолжат со редовни гинеколошки прегледи и брисеви за ПАП тест.
Д-р Вероника Кокоромановска - Специјалист по гинекологија и акушерство