Што е Пневмоторакс? 
Пневмоторакс претставува продор на воздух во плевралниот простор, што предизвикува колабирање на белодробното крило. Пневмотораксот може да доведе до полесна или потешка состојба, а тоа зависи од количеството на воздух помеѓу плевралните листови во градниот кош.

Пневмотораксот може да биде предизвикан од воздух што навлегува од надвор преку ѕидот на градниот кош или од самите бели дробови, т.е. од дишните патишта во кои има воздух. За време на престојот на интензивна нега, најчесто пневмотораксот настанува поради продор на воздух од дишните патишта на бебето. 

Пневмоторакс настанува кога најмалите делови од белите дробови каде се случува размената на кислород и јаглерод диоксид, т.е алвеолите прскаат. Кога алвеолата ќе прсне, воздухот продира помеѓу плевралните листови (плевра - белодробна марамица) и се создава истекување (leak – Eng.) на воздухот т.е пневмоторакс. Новородените бебиња имаат многу нежни, чувствителни бели дробови, па многу фактори го зголемуваат ризикот бебето да добие пневмоторакс. Секое бебе може да добие пневмоторакс, меѓутоа некои бебиња имаат зголемен ризик од негова појава. Предвремено родени бебиња - Бебињата родени предвреме имаат многу осетливо белодробно ткиво и нивните алвеоли пукаат лесно. Најголем ризик имаат бебињата со екстремно ниска телесна тежина под 1500 g. 

Бебиња кои имаат потреба од поддршка на дишењето по раѓање - Ако бебето не може да дише самостојно веднаш по раѓањето, се спроведува реанимација, која е неопходна за некои бебиња за да преживеат, но понекогаш може да доведе до појава на пневмоторакс. 

Механичка вентилација (респиратор) -  Ако на бебето му е потребна асистенција или целосна поддршка на дишењето со апарат за дишење - респиратор или неинвазивна вентилација со  CPAP (СиПап), апаратот го внесува воздухот во белите дробови со цел да ги држи алвеолите отворени и бебето да ја добие потребната количина на воздух/кислород. При тоа може да дојде до прскање на алвеолите. 

Аспирација на мекониум - Бебињата кои ќе аспирираат (вдишат) од мекониумот за време на родилниот чин, може да бидат многу болни. Мекониумот (првата столица на бебето) може да ги блокира дишните патишта, па вдишувањето да биде возможно, но не и издишувањето. Така, воздухот кој се насобира во алвеолите врши притисок и истите може да прснат. 

Третман на пневмоторакс 
Ако докторот се сомнева дека бебето има пневмоторакс, се прави рентген снимка за да се потврди дијагнозата. Ако од некои причини не може да се направи рентген снимка, докторот го осветлува градниот кош на бебето со транслуминантно светло, кое ќе покаже просветлување доколку има пневмоторакс и насобран воздух во градниот кош. Третманот на оваа состојба зависи од тоа колку се сериозни симптомите и колкаво количество на воздух има насобрано во градниот кош. Бебињата со мал пневмоторакс може да немаат никакви симптоми и да не добијат никаков третман, а пневмотораксот да помине сам. Во овој случај телото само ќе го реапсорбира насобраниот воздух. Голем пневмоторакс може да биде придружен со сериозни потешкотии во дишењето, а насобраниот воздух да го притиска срцето и големите крвни садови.

Третманот на оваа состојба зависи од сериозноста:

  • Давање на 100% поддршка со кислород. Овој начин на лекување се користи само кај терминските бебиња, бидејќи предвремените бебиња имаат предиспозиции за појава на ретинопатија на прематуритетот.
  • Аспирација со игла: Во овој случај се вметнува игла во градниот кош, со шприц се извлекува воздухот насобран помеѓу плевралните листови, по што се отстранува иглата.
  • Цевче во градниот кош или торакална дренажа: Кај потежок пневмоторакс, а особено кај предвремено родените бебиња кои се на респиратор, се поставува цевче кое го влече воздухот кој се насобира, се додека не дојде до негово целосно отстранување. Потоа се отстранува цевчето. 

Во текот на третманот и по отстранување на цевчето, повторно се прави рентген со цел да се потврди дека во градниот кош нема повеќе воздух.

https://www.verywellhealth.com/pneumothorax-in-premature-babies-2748635

 

Превод: Слободанка Туџарова - ФБ група „Предвремено родени деца“ - Група на мајки на предвремено родени деца

Уредување: Д-р Денис Ал Кхалили, специјалист педијатар