Во рамките на програмата „Растеме заедно“, организацијата Лулка организира и спроведува вежби за трудници. Здравјето на нашите деца за секој од нас е бесценето. Секој од нас сака да живее во здраво семејство и да има здраво потомство.

Секоја бремена жена мора да биде свесна и да знае многу за состојбата во која се наоѓа. Грижата за сопственото здравје и за здравјето на сопственото дете треба да започне уште рано во текот на бременоста.

Бидете дел од нашиот Курс за психофизичка подготовка за породување со вежби за трудници, дозволете ни да Ви помогнеме да го дочекате вашето бебе подготвени, смирени, сталожени и сигурни во себе. Курсот е наменет за трудници со наполнета 28 гестациска недела. 

Вежбите за зацврстување на абдоминалните мускули како и вежбите за дишење ќе ве припремат свесно и спремно да се соочите со чинот на породувањето. Кожа на кожа контакт со бебето ќе ги ослободи механизмите за продукција на млеко, положбите за доење и практичните совети ќе ви го олеснат доењето. Практичните вежби со вас и вашите партнери ќе ве ослободи од стравот при нега и капење на вашето новородено. Во текот на осум часа по 90 минути, надминете го стравот, нејаснотиите и неизвесноста и подготвени чекајте ги првите контракции и средбата со вашето најмило.

Пријавете се на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 
Ве очекуваме!

 

Vezbizatrudnici sl1

 

Што е психофизичката подготовка за породување?

 
Програма од специјално програмирани и дозирани физички вежби за полесна и поздрава бременост. Програмата опфаќа вежби за зголемување на физичката кондиција на трудниците и за постигнување на поголема еластичност на зглобовите. Преку вежбите се постигнува зајакнување на карличната мускулатура на трудницата, што резултира со полесна контрола на текот на породувањето и полесно породување. Со вежбите трудницата постигнува кондиција, сигурност и самоувереност која ја зголемува веројатноста за лесно породување и раѓање на здраво бебе.

Со приближувањето кон терминот за породување, секоја трудница постепено се запознава со начинот на однесување во текот на породувањето, се работат вежби за релаксација, се усвојуваат техниките на дишење и се врши запознавање со техниката на масажа од страна на партнерот во текот на породувањето. Овие активности опфаќаат и симулација на породувањето како најреално претставување на вистинскиот чин на породувањето.

Програмата во континуитет содржи едукативни активности и психолошка поддршка на бремените жени, преку отворена комуникација во интимна атмосфера во која доаѓаат до израз личните карактеристики на секоја трудница. Нашите професионалци ќе Ви ги доближат темите поврзани со бременоста и начините на породување, доење и нега на бебето, соочувањето со обврските на родителството и дефинирање на Вашата нова улога во семејството.

 

Што кажуваат оние кои го посетиле курсот?

  • Ми помогна да го надминам стравот од породување. Особено ми се допадна што се обрнува внимание на негата на новороденчето.
  • Сметам дека секоја тема е опфатена и се споделуваат корисни информации.
  • Прекрасно организирано, се обрнува внимание на секоја тема, не припрема за нова фази во животот.
  • Најмногу ми помогнаа разговорите, советите од педијатарот и акушерката. Фино беше споделувањето на искуства меѓу трудниците.
  • Името на курсот е доста соодветно на она што јас го добив од присуствувањето. Навистина беше психофизичка подготовка, ми се разјаснија многу дилеми и добив одговор на многу прашања.
  • Одлична замисла, препорачувам секоја трудница да го посети.
  • Интеракцијата на часовите, отвореноста и подготвеноста на стручните лица најмногу ми помогна во однос на курсот. Ми се допаднаа деталите за породувањето, дишење, негата и развојот на бебето.
  • Курсот мене ми беше од голема помош, посебно последните часови и работата со педијатарот, одговорите на прашањата кои претходно ме оптеретуваа и запознавањето и припремата за сите состојби кои може да не сретнат ми беа од голема помош.
  • Доста корисни информации со пракса, многу прашања разјаснети и сега се чувствувам посамоуверена за периодот што ми следи.
  • Сметам дека најмногу ми помогнаа часовите по доење, нега и бањање на бебето.

 

Сведоштво на една мајка за искуството со вежбите на Лулка:

Уште на самиот почеток откако дознав дека ќе добијам бебенце, почнав да се интересирам за сите предизвици, проблеми и промени кои се случуваат кај секоја жена која за прв пат станува мајка. Прекрасно и истовремено застрашувачко е целото искуство низ кое поминуваме тие девет месеци, за да се подготвиме со телото и умoт за доаѓањето на новиот живот кој се создава во нас и којшто е најголемото достигнување на секоја жена. Детето го прави нашиот живот побогат, но и не исправува пред предизвикот да се избориме со ситуации и проблеми кои дотогаш не сме ги ни замислувале.
Искусните мајки кои мене тогаш ме советуваа, а во текот на бременоста жените особено често сакаат да споделуваат паметни искуства, знаеја да кажат дека се што следува во однос на бременоста и бебенцето, инстинктивно секоја мајка го знае. Тоа веројатно значи дека инстинктивно знаеме да менуваме пелени, да го утешиме бебенцето, знаеме како треба прв пат да го подоиме. Практично сите предивици со кои треба одеднаш да се соочиме, ние би требало природно да ги знаеме.
Мене сето тоа ми беше сосема апстрактно и непознато и имав потреба да се запознаам посериозно со се, почнувајќи од бременоста и породувањето, до првата средба со моето малечко и грижата за него.
Во Лулка , во интимна и пријатна атмосфера, од професионалци кои имаат насобрано искуство и виделе еден куп нови и неискусни мајки како мене, добив одговори на сите прашања кои секојдневно си ги поставував, инструкции за секој момент пред породувањето, справување со болките, начините на кои може партнерот да помогне, па до самиот чин на носење на свет на малечкото чудо. Една огромна работа што ја очекува мама, а која многу полесно се завршува ако во сите тие предизвици таа влезе подготвена. Освен тоа, пријатно беше и дружењето со исти такви нови мајки како мене.
Сега си се растеме со мојот Вања, а јас чувствувам дека сум мајка која е полна со самодоверба и стаменост, спремна да се избори со сите изненадувања кои секојдневно малото слатко човече ни ги приредува. За тоа во голема мера е заслужно знаењето кое го стекнав баш таму, во Лулка. За сето тоа благодарам и Лулка топло ја препорачувам :)
 

Софиа Насевска - мајка на малиот Вања