Второто тромесечие е средишниот период од бременоста. Тој го опфаќа развојот на плодот во текот на 13. до 27. недела. Во овој период еволуцијата на плодот продолжува, тој расте во должина и тежина, се диференцираат органите и постепено почнуваат да ја извршуваат својата функција. И визуелно фетусот ја добива дефинивната форма. Во овој период е можно откривање на полот на идното новороденче.
Неколку карактеристики на плодот во текот на второто тромесечие:
- Во текот на четвртиот месец од бременоста фетусот достигнува должина од околу 16 cm. Во овој период се развиваат рефлексите за цицање и голтање, па бебето можеби ќе почне да го цица палецот на дланките. Во периодот од 13. до 16. недела веќе се распознава полот на бебето, но сеуште е рано целосно да се потпреме на тоа. Кожата на бебето е со розова боја и проѕирна, делумно покриена со меки влакненца наречени лануго.
- Петтиот месец се смета за средина на бременоста. Во текот на овој месец должината на плодот може да достигне до 25 cm. Првпат се појавува коса на главчето, растат веѓи и трепки. Остатокот од телото е целосно покриен со лануго. Бебето во овој период почнува да мрда, со рачињата го истражува просторот околу себе, па и мајката почнува да го чувствува неговото движење.
- Во текот на шестиот месец бебето расте во должина до 35 cm, а тежината му изнесува околу 850 до 900 грама. Во овој период бебето почнува да ги отвора очите повремено и краткотрајно. Целата кожа му е покриена со белузлава сиреста материја, наречена верникс казеоза. Бебето веќе има способност да ика.