Текстот е превземен од порталот КОНЦЕПТ МАМА со кој организацијата Лулка има соработка. Оргиналниот текст може да го најдете на следниот линк: https://konceptmama.mk/?p=117 

 

*            *            *

Д-р Денис Ал Кхалили е специјалист во областа на педијатријата и неонатологијата, искусен во реанимација на новороденчиња, грижа за навремено и предвремено родени бебиња, консултант за доење, експерт за исхрана и развој на бебињата и децата. Основачот и претседател на невладината организација „Лулка“ веќе со години е вистинска помош и поддршка во развитокот на образованието за здравјето на бремените жени и родителите. Тој е доктор во права смисла на зборот, истовремено и преку својата пракса и преку своето социјално-општествено влијание, несебично ги споделува своите знаења и влијае на разбивањето и надминувањето на стереотипите и митовите околу бременоста, породувањето и постпородилниот период.

 

Sliki net27

 

КОНЦЕПТ МАМА: Жените често знаат да речат дека не постојат соодветни извори на информации во врска со бременоста и раѓањето или дека има премногу информации од кои не знаат што да изберат. Колку тоа ја отсликува состојбата во Македонија и каков пристап треба да градиме кон информациите кои ни се нудат?

Мислам дека исказот дефинитивно важи за западните земји, каде темата за бременост е навистина исцрпена, има огромен број на веб-страници, текстови, видеа од породувања и што ли уште не. За жал, кај нас ова не е случај. Во Македонија изворите се мали, уште помалку има проверени, точни и актуелни информации на македонски јазик. Мора да земеме предвид дека голем процент од нашето население не знае воопшто или доволно англиски јазик за да се информира од странските сајтови. Важно е информациите кои се достапни да бидат на македонски, но да бидат и рецензирани од медицински лица, кои може оние работи кои се неточни да ги отстранат од текстот, а оние кои се нејасни да ги разјаснат на разбирлив јазик за обичниот читател. Организацијата Лулка со својата веб-страница http://lulka.org се труди да ја пополни оваа празнина со точни и проверени информации.

 

Sliki net28

 

КОНЦЕПТ МАМА: Какви се типови на работилници организира здружението Лулка и колку време постоите?

Организацијата Лулка постои од 2009 година. Најпрво, во втората година по основањето започнавме да организираме едукативни работилници за здрава бременост во Скопје. Подоцна, на посебни работилници започнавме да разговараме за породувањето и за првите денови на мајката и бебето во болница. Овие работилници за породувањето беа и сè уште се вистински хит. На нив работиме симулација на породување – што сè ја очекува трудницата од моментот кога ќе започнат контракциите дома, па до напуштањето на родилиштето со бебето. Овие важни информации ги пренесува доктор, гинеколог-акушер и педијатар. Од 2015 година правиме работилници за доење, каде ги запознаваме трудниците со основните информации за правилно доење, како се создава млекото, кои услови се потребни за правилно доење, вежбаме позиции за доење со кукла-бебе. Од оваа 2018 година започнуваме со работилници за родители, на теми поврзани со грижата и воспитувањето на децата, превенција на болести, справување со почестите состојби и слично.

 

Sliki net29

 

КОНЦЕПТ МАМА: Кој е вашиот впечаток, каква е поддршката која е потребна и од кого, за жените да бидат истрајни во доењето на своето бебе? Дали им се дадени доволно можности за да го направат вистинскиот избор во однос на тоа? Зошто најчесто решаваат да се откажат и дали е тоа целосно нивен личен избор?

Од нашето искуство со Лулка, и од моето лично искуство како педијатар, можам да кажам дека најчесто доењето изостанува поради несоодветна поддршка и/или целосен недостиг на поддршка и информации кои треба да ги добие жената во текот на бременоста и по породувањето. Поддршката треба да ја дадат патронажните служби во текот на бременоста, но и по породувањето, со посета на родилката во домот. Овие посети често изостануваат, а понекогаш и информациите кои ги добива трудницата/мајката доилка се неточни, застарени. Мајката треба да добие и соодветна поддршка за доење во родилиштето, со ран контакт кожа на кожа помеѓу мајката и бебето во првите 30-60 минути по раѓањето. Кај нас и овој процес често е нецелосно спроведен, и покрај препораките на Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Нашата организација Лулка со значаен дел од активностите и ресурсите е насочена кон промоција и поддршка на доењето, организирање на едукативни работилници, одговарање прашања и директна поддршка и советување за доењето. Се надеваме дека наскоро работите ќе се подобрат, а на тоа поле уште повеќе ќе работиме оваа година.

КОНЦЕПТ МАМА: Сигурна сум дека со вашето дејствување имате позитивни влијанија. Која приказна на поддршка ви е особено драга и би сакале да ја споделите?

Во изминатите години имавме многу пријатни искуства, многу пораки на благодарност и поддршка за она што го правиме. Би ја издвоил неодамнешната комуникација со мајка на близнаци која, додека била бремена, присуствувала на нашите работилници низ Македонија кои за прв пат ги организиравме минатата есен. Претходно работилниците се одржуваа само во Скопје. Деновиве добивме убаво писмо за благодарност во кое мајката од внатрешноста на Македонија искрено се заблагодарува за советите за доење и го сподели со нас фактот дека ги дои своите близнаци, дека сите заедно уживаат во моментите на нежност при цицањето и дека нашата работилница ѝ помогнала многу. Во внатрешноста на Македонија навистина има голем недостиг на информации и поддршка, па оваа приказна многу нè израдува и нè охрабри да продолжиме да работиме уште повеќе.

 

Sliki net30

 

КОНЦЕПТ МАМА: Колку се зборува отворено за темите бременост и породување и сите можни алтернативи во врска со нив во Македонија? Дали жените се целосно свесни за изборите и одлуките кои ги носат?

Слично како и за доењето, жените во голем дел не се свесни за изборот кој го имаат, за опциите и можностите, за предностите на спонтаното породување наспроти царскиот рез, за обезболувањето кое е веќе стандард во другите земји. Отворено се зборува за породувањето, но слабо се говори за алтернативните методи, кои често не се ни нудат во родилиштата.

КОНЦЕПТ МАМА: Која е вашата цел како здружение за претстојната година?

Оваа година имаме сериозен план на активности, кој сакаме целосно да го спроведеме. Покрај работилниците на различни теми, кои е планирано да се одвиваат еднаш месечно, планираме спроведување на курс за психофизичка подготовка за породување со вежби и едукација во последниот триместар од бременоста. Планирани се активности за унапредување на доењето, како и активности за подобрување на негата на предвремено родените бебиња преку одбележување на Светскиот ден на кенгурирањето 15 мај и воведување на барем два специјални столови за кенгурирање (контакт кожа на кожа), покрај инкубаторите во единицата за неонатална интензивна нега на Клиниката за Гинекологија и акушерство во Скопје. Во план е, како и досега, да се одбележи Светската недела на доењето во август и Светскиот ден на предвременото породување во ноември. Напролет е скоро сигурно спроведувањето на едукативен караван во повеќе градови низ Македонија. Планираме да работиме на безбедноста на бебињата и децата во сообраќајот, на подобра комуникација со професионалните медицински здруженија и болници и друго.

 

Sliki net31

 

КОНЦЕПТ МАМА: Што мислите, каква треба да биде „доволно добрата мајка” денес? „Доволно добриот татко”?

Ова е многу интересно прашање. И актуелно кај нас. Се почесто гледаме родители кои ги сакаат своите деца, кои прават сè за нив, но не го прават она што е најважно, а тоа е воспитување на детето, преземање улога на родителски авторитет и учење на граници во однесувањето на детето. Поради оваа појава, сè почесто гледаме деца кои се анемични, кои слабо јадат или лошо се хранат, кои доцна легнуваат, кои голем дел од денот го поминуваат пред екран (таблет, телефон, ТВ или компјутер), зборуваат англиски пред да го научат мајчиниот јазик. „Добрата мајка“ треба правилно да се поврзе со бебето, но и правилно да го оддели од себе кога за тоа ќе дојде време според биолошкиот и психолошкиот развој на бебето. „Добриот татко“ е важно да ја поддржува мајката, бидејќи потребите на бебето во првата година се најмногу насочени кон мајката. А подоцна таткото треба да биде авторитет, но и коректор на мајката во одредени ставови во врска со воспитувањето на детето. И мајката треба да биде коректор на таткото и неговите ставови и начини на воспитување, а детето да биде производ на нивниот заеднички труд, внимание и енергија која ја внесуваат во одгледувањето и воспитувањето на детето. На крајот на краиштата, детето е резултат на енергијата која сме ја внеле во него како родители, преку комуникација со него, разговор, воспитување, негување итн.

 

Sliki net32

 

КОНЦЕПТ МАМА: Кои се најголемите предизвици со кои се сретнува жената за време на породувањето? Дали имате впечаток дека честопати се чувствува виновна, потиштена, како да не успеала во нешто? Како да се промени тоа?

Не можам да кажам многу за оваа хипотеза. Сметам дека како ќе се чувствува жената по породувањето во голем дел зависи од тоа колку е подготвена за она што треба да го помине, колку е информирана за процедурите кои се прават, колку е активно вклучена во одлучувањето. Важен за целокупното искуство е и индивидуалниот пристап кон мајката од страна на медицинскиот тим, бидејќи она што за нив е рутина и работа, за мајката, за таткото, за семејството е единствен и уникатен настан, свечен чин, момент кој се памти цел живот. Неиндивидуалниот пристап, несоживувањето со семејството, грубото однесување и вулгаризирањето на процесот на раѓањето како обична медицинска процедура може да биде причина жената да се чувствува потиштено и обесхрабрено. Секоја мајка која раѓа е херој, секое бебе кое се раѓа е гордост на своето семејство и, доколку тој момент се испочитува и се дадат охрабрувачки коментари и збор за поддршка за мајката и таткото, тоа навистина може значајно да го смени впечатокот.

КОНЦЕПТ МАМА: Може ли да споделите со нас неколку препораки за тоа како да се надминат тешкотиите во бременоста, породувањето и почетокот на мајчинството?

Во бременоста е важно жената да биде свесна за состојбата во која се наоѓа, да се информира за сите важни прегледи, процедури, да внимава на своето здравје, исхрана, да не пие и пуши и да не зема никакви лекови без консултација со својот лекар. Сите активности треба да бидат прилагодени на бременоста, вклучително и работата, спиењето, физичката активност, исхраната, па дури и емоционалните конфликти и односите со околината. При крајот на бременоста, жената треба да се подготви за породувањето преку посетување часови за психофизичка подготовка за породување. За доењето, главната препорака е информираност, упорност и свесност. Барањето поддршка навреме, во родилиштето и во првите денови по доаѓањето дома, може да биде клучна за успех. Не постои слабо или неквалитетно мајчино млеко, важно е да се знае дека мајчиното млеко ниту доаѓа наеднаш, ниту се губи одеднаш. Тоа е процес на учење за секоја мајка, процес кој со соодветни информации и поддршка ќе донесе многу предности за бебето, за мајката и за семејството.

 

Sliki net33


 ReklamaFBPanorama250

 PreMama Duo 250x250

 

 Eurolink Semejno 300x250px Google

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

 

Умбрела

 logo konceptmama