Постојат одредени средства кои се користат за започнување на породувањето (индукција) или за забрзување на породувањето доколку има потреба за тоа. Овие методи се користат кога е потребно побрзо породување, со цел да се заштити здравјето на мајката и на бебето.
Индукцијата се користи и за артефициелно (вештачко) започнување на бременоста доколку терминот за породување одамна е поминат. Во текот на индуцираните породувања се користи монитор за постојано следење на работата на срцето на бебето.
Најчесто користени методи за индукција на породувањето се намерното кинење на плодовите обвивки (водењак) од страна на докторот, потоа стимулирање на контракциите на матката со окситоцин и локална употреба на простагландински гел.
Со цел вештачки да се поттикне породувањето, докторот со специјален инструмент може да го прсне водењакот. Ова е процедура која се применува и доколку породувањето започне нормално, а не дојде до прскање на плодовите обвивки. Во минатото не се правела оваа интервенција, па постоеле случаи кога бебето се раѓало со целата плодова обвивка околу него. Ова се сметало за знак дека бебето ќе го следи среќа во животот.
Стимулирање на породувањето со простагландин се врши со нанесување на гел на грлото на матката. Се применува кога цервиксот е раширен помалку од 3 cm, со цел да омекне и да се рашири повеќе.
Окситоцинот е хормонски препарат кој предизвикува контракции на матката. Окситоцинот се дава венски и има значително појак стимулирачки ефект на породувањето. Тој предизвикува силни контракции на матката и понагло породување. Се користи доколку има индикација за брзо породување, при опасност за здравјето на мајката или бебето.
Царскиот рез е исто така можност за избегнување на компликациите доколку докторот процени дека може и треба трудницата да се породи со оперативна интервенција.