Во денешно време, во Скопје и низ цела Македонија сведоци сме на интензивна сообраќајна активност. Учеството на децата во сообраќајот може да биде во улога на пешаци, или пак, децата на индиректен начин се вклучени во сообраќајот како пасивни учесници.

Безбедноста на децата во сообраќајот има извонредно значење за општеството. Ова прашање кај нас можеби не е доволно актуелизирано, но има огромно значење за семејството и за заедницата во која живеат децата и каде, најчесто на локално ниво учествуваат во сообраќајот.

Статистичките податоци говорат за постојан пораст на процентот на сообраќајни незгоди во кои се жртви деца, и тоа најчесто како индиректни учесници во сообраќајот. Од тука може да се заклучи дека безбедноста на децата најчесто е во рацете на родителите кои управуваат со моторно возило, па поради тоа, неопходно е почитување на законските норми со кои се регулира користењето на мерките за безбедност на децата во возилата.

Како една од најштетните навики, која и денес се среќава, а која може да доведе до незгода и повреди на најмалите учесници во сообраќајот е поставувањето на детето во скутот на возачот, на предното седиште пред воланот. Оваа положба доведува до намалување на вниманието на возачот на патот и во случај на сообраќајна незгода, детето е најмногу изложено на ризик од потешка повреда.

Како пример, Ви презентираме некои информации од регулативата во САД. Таму ова прашање е решено со утврдување на прецизни критериуми и мерки за безбедност, како и строго санкционирање на оние кои не ги почитуваат. Регулативата во нијанси се разликува од една до друга сојузна држава, па дури постојат и разлики во правилниците зависно од климатските услови во тој дел од земјата.

Во зависност од возраста и тежината на детето, се менуваат и правилата за безбедно возење на детето во моторно возило. За децата на возраст  од 0-12 месеци и тежина до 10 kg се препорачува специјално седиште во кое бебето седи свртено со лицето кон задниот дел на автомобилот. Ова се нарекува уште и rear-facing seat. Ова е особено важно при најчестите удари со предниот дел на возилото. Ова седиште ја намалува веројатноста од повреда на главата и вратот на бебето, делови кои се особено осетливи и подложни на повреди на оваа возраст.

За децата на возраст од 12 месеци до 5 години и максимална тежина до околу 22-23 kg се препорачува класично детско седиште за во автомобил. Ова седиште се прицврстува со безбедносни појаси, а детето при седењето е насочено кон предниот дел од возилото. 

За деца на возраст од 5 до 8 години, со тежина до 35 kg се препорачуваат таканаречени booster седишта. Овие седишта имаат цел да го заштитат детето од повреди при сообраќајна незгода. Ефектот се постигнува со стеснување на просторот во кој детето седи и намалена подвижност во текот на возењето и во случај на удар.

За децата над 8 годишна возраст веќе се дозволува седење на детето на задните седишта во моторните возила, со тоа што е апсолутно обврзувачко користењето на безбедносниот појас. Кај нас овие појаси многу малку се користат, иако сите возила ги имаат како задолжително стандардна опрема.

Веќе од 11 – 12 годишна возраст се дозволува седење и на предното – совозачко седиште и секако, обврзно е користењето на безбедносен појас.

Треба да наведеме дека непочитувањето на овие регулативи е проследено со високи казни и можно одземање на возачката дозвола, во зависност од возраста на детето.

Во врска со безбедноста и поседувањето на седишта за бебиња и деца, кај нас едно од примарните прашања се однесува на финансискиот момент. Сепак, не смееме да заборавиме дека безбедноста и животот на нашите најмили е бесценет.

Др. Емилија Минова
- Доктор на медицина -

 


 

 

 Babytol baner

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama