Светскиот ден на предвремено породување се одбележува на 17-ти Ноември секоја година, за да се подигне свеста за предвремено породување и да се подобри грижата за недоносените бебиња и нивните семејства ширум светот. Околу 15 милиони бебиња се раѓаат предвреме секоја година, или едно на секои 10 новородени. Она што ја одбележа оваа година е слоганот на одбележувањето, со кој целата кампања се приближува кон семејствата и ја промовира „негата насочена кон семејството“ (Family-centered Care).
Организацијата Лулка е дел од создавањето на новите текови во неонатологијата во Европа, преку учеството во проектот Европски стандарди за грижа за здравјето на новородените.
Прим. Др Јадранка Гулева – Педијатар неонатолог од Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ или популарно наречена гинекологија Чаир, потенцира дека она што го одредува здравјето на малите деца започнува уште пред забременувањето и зависи од здравјето на мајката, а продолжува и по породувањето со интеракцијата мајка-дете. Изложеноста на економска несигурност и сиромаштија го зголемува стресот кај бремената жена, што негативно влијае врз исходот од породувањето и развојот на новороденото.
Се повеќе се знае дека психомоторниот развој преставува динамичка интеракција помеѓу детето и околината. Колку повеќе се знае за факторите кои учествуваат во ова, толку повеќе може да се надеваме на подобрување на психомоторниот развој. Затоа во последните 20 години во фокусот на вниманието е процесот на раната интервенција, како и систематски-еколошкиот приод, кој ги анализира случувањата кај детето, семејството и околината.