Една од трите програмски насоки на кои работи организацијата Лулка е Поддршка на граѓаните во текот на бременоста и породувањето. Лулка работи на подобрување на информациите, условите и поддршката која ја добиваат трудниците во текот на бременоста, како и подобрување на условите со кои се соочуваат во текот на породувањето, а со цел здрава бременост и здраво новороденче.
Веќе неколку години Светскиот ден на предвременото породување, кој се одбележува на 17-ти Ноември, ги истакнува на глобално ниво напорите за решавање на предвременото породување. Овој ден е инициран од страна на Европската фондација за грижа на новородени (EFCNI), на која подоцна и се придружија и Африканската организација LittleBigSouls (прев. МалиГолемиДуши), американската организација March of Dimes и Автралиската Национална Фондација за предвреме родени (Australian National Premmie Foundation), а сега веќе постојат многу глобални иницијативи кои секоја година ги истакнуваат потешкотиите на предвреме родените бебиња и нивните семејства.
Нега насочена кон семејството (Family-centered Care) e концепт на организација на неонаталната интензивна нега која е насочена кон семејството како целина. Притоа семејството активно учествува во негата на своето предвремено родено бебе, со што му помага на персоналот, истовремено родителите стекнуваат вештини за тоа како да се грижат за своето бебе по напуштањето на болницата и одењето дома. Значаен дел од концептот за нега насочена кон семејството е практикувањето на контактот кожа-на-кожа (кенгурирање).
Состојбата во која се наоѓаат бебињата кои се предвремено родени е специфична и тие бараат високософистициран третман и нега во единицата за неонатална интензивна нега. Но што е со родителите, како се чувствуваат тие и како треба да се однесуваат.