Последното тромесечие од бременоста е исполнето со многу психички и физички предизвици. Постојат моменти кога сте радосни поради мрдањето на бебето, за да подоцна сакате што побрзо да заврши целата работа и веќе еднаш да се породите. 

Можно е долго очекуваниот термин за породување да помине без никаков резултат, што не треба да Ви донесе разочарување. Последниот триместар од бременоста е проследен со одредени специфични промени на телото на жената.

Во последниот триместар од бременоста имате поголема телесна тежина, а хормоните предизвикуваат разлабавување на зглобовите на карлицата. Ова може да доведе до оптоварување на рбетот и болка во грбот и колковите. Ви препорачуваме да станувате од седечка положба со едната нога подигната на некаква повисока потпора (мало столче или слично) и да седите на стол со анатомски потпирач за грбот. Се препорачува да носите ортопедски чевли со ниска потпетица, но не рамни. Може да помогнат топли или ладни облоги на болните места или масажа од вашиот партнер. При појака болка се препорачува посета на доктор.

Кај некои трудници може да се јави печење зад градната коска во доцната бременост. Печењето настанува поради киселината која од желудникот се враќа назад во храноводот. Причина за ова е матката која расте и го потиснува желудникот и сите останати органи во стомачната празнина. За да немате киселина и печењето во градите да престане, треба да јадете помали оброци, да пиете повеќе течности, да избегнувате пржена и зачинета храна и газирани сокови.

Со растењето на матката таа почнува да ја притиска дијафрагмата, па со тоа делумно се отежнува дишењето. Се препорачува спиење на повисока перница за полесно дишење. Со примена на специфични вежби во текот на третото тромесечие може да се намалат овие потешкотии.

Како расте, кон крајот на бременоста бебето се повеќе се спушта надолу и врши притисок врз мочниот меур. Ќе имате потреба почесто да мокрите, па дури и да станувате ноќе. Кај некои трудници се јавува и неволно мокрење, особено при кашлање, кивање или смеење. Во овој период треба да внимавате на евентуалното присуство на знаците за уринарна инфекција (печење и болка при мокрење, болка во слабините).

Во овој период дојките продолжуваат да растат и да се подготвуваат за хранење на бебето. Кон крајот на третото тромесечие од пупките повремено истекува жолтеникава течност наречена колострум. Тоа е првото млеко со кое ќе се храни бебето, особено богато со хранливи материи за развој на новороденчето и мајчини антитела, кои ќе го зајакнат неговиот имунитет.

Како резултат на зголемената циркулација во овој период, на некои делови на кожата може да се појават црвени точки околу кои пајаковидно се шират ситни крвни садови. Овие промени може да се јават на лицето, рацете и вратот, а особено се видливи доколку имате светла кожа. На нозете може да се појават проширени (варикозни) вени. За да ги спречите овие промени потребно е да ги подигнувате нозете додека седите и евентуално да користите еластични чорапи за проширени вени. Аналогно на вените на нозете се јавуваат и проширени вени на ректумот (хемороиди). Во овој случај треба да внесувате повеќе течности и овошје и зеленчук, за да избегнете појава на тврда столица.

Во овој период поради притисокот врз вените во стомачната празнина и зголемената циркулација настануваат отоци на потколениците и глуждовите, на рацете, а наутро може да се јави оток и на лицето и очните капаци. Се препорачува подигнување на нозете при седење и ладни облоги за намалување на отоците. Пливањето во овој период е корисно за намалување на отоците и регулирање на венската циркулација.

Внимание: Доколку отокот на лицето и капаците не спласнува преку целиот ден, мора да се обратите кај вашиот доктор.


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama