Постојат многу одговори на прашањето кога всушност започнува животот на човекот. Како што постојат разновидни ставови за оплодената клетка. Според некои луѓе тоа е веќе мало човече. Според други тоа е само оплодена јајце-клетка.
Сепак, чинам сите ќе се согласиме дека во моментот на оплодувањето започнува еден континуиран процес на развој и усовршување кој продолжува по раѓањето и далеку потоа. Нормалната бременост трае од 37 до 43 недели, во просек околу 40 недели или 280 дена. Во третата недела од бременоста се формираат срцето и мозокот. На крајот од првиот месец од бременоста ембрионот е долг 0.5 до 1 cm и тежок околу 2 gr. Во третиот месец ембрионот се развива во фетус. Се развиваат внатрешните органи. Се развива окото, очните капаци се затворени. Плодот почнува да ги разликува состојбите на “задоволство” и ”незадоволство”. Тежнее да ги ужива состојбите на задоволство и да ги одбегнува состојбите на незадоволство. Во петиот месец од бременоста фетусот е долг 25 cm и тежок до 400 gr. Почнува да се движи, да пие плодова вода или да го цица палецот. Увото е потполно развиено и фетусот може да го слушне не само гласот на мајката, туку и гласните шумови надвор од мајчиното тело.
Според еминентни невропсихијатри фетусот не е едноставен автомат кој се развива по закони на генетскиот код, туку тој е во постојана интеракција со својата околкина и тежнее кон внатрешна хомеостаза. Според други фетусот во перинаталниот период (три месеци пред раѓањето) веќе е во состојба да создава индивидуални впечатоци, да ги чува во себе како талог од памтење и да ги репродуцира многу долго потоа.
Од седмиот месец бебето е способно за живот и надвор од мајчиното тело. Развиена е миелинизацијата во централниот нервен систем. На електроенцефалограм можат да се докажат и ритмички мозочни бранови. Воспоставени се и циклуси на сон и будност. Фетусот е во состојба да учи, во состојба е да прима надворешни дразби, на нив да реагира и да ги преработува. Во осмиот месец бебето е долго 40 – 50 cm и тешко над 2.5 kg. На дланките се формираат непроменливите “линии на животот”. Фетусот станува како возрасните. Се претпоставува дека нероденото дете на два месеци пред раѓањето сонува повеќе отколку кога ќе се роди.
Што ли сонува? Дали сонува нешто слично како мајката или е независно од сонот на мајката? Дали некогаш ќе дознаеме? И кога ќе му стане претесно во мајчиното тело доаѓа моментот на раѓање. Од две клетки кои ќе се спојат, во деветиот месец се развиени 200 милиони клетки.
Ембрионот т.е. фетусот своето постоење не може да го искаже вербално, значи останува на нас да му подариме удобен престој во утробата.
Магде Петровска - Дипломиран психолог