Гинекологот и акушер Robert Welch досега има помогнато на илјадници жени со високоризична бременост на патот кон раѓање на здраво бебе. И покрај сите негови успеси, постои една работа која навистина го загрижува, а тоа е бремена жена која не може да се откаже од пушењето. 

„Пушењето најверојатно е причина број 1 за проблемите кај бебињата по породувањето.“, вели Dr. Robert Welch, претседател на Одделот за акушерство и гинекологија во Providence Hospital, Southfield, Michigan. Тој посведочил за безброј компликации: предвремено породување, бебиња кои се родени многу мали, бебиња кои умираат уште пред да се родат. Според него бременоста би била побезбедна и бебињата би биле поздрави доколку, условно кажано, трудницата би можела да ја замени својата навика за пушење со дијабетес или висок крвен притисок. ‘‘Можам да ги контролирам овие состојби со лекарства‘‘ вели Welch. Но, кога бремена жена пуши, ништо не може да го заштити нејзиното бебе од опасност.

ЗАШТО Е ОПАСНО ДА СЕ ПУШИ ВО ТЕК НА БРЕМЕНОСТА? 

Чадот од цигарите содржи повеќе од 4.000 хемикалии, вклучувајќи и навистина опасни состојки како што се цијанид, олово и најмалку 60 канцерогени супстанции. Доколку пушите за време на бременоста, таа токсична мешавина влегува во вашиот крвоток, т.е. во единствениот извор на кислород и хранливи материи за вашето бебе.

Ниедна од овие 4.000 хемикалии не е добра за вашето бебе, но две супстанции се особено штетни: никотин и јаглерод моноксид. Овие два отрови се причина за речиси сите компликации во бременоста кои се предизвикани од пушење, вели  гинекологот акушер James Christmas, директор на Maternal Fetal Medicine for Commonwealth Perinatal Associates at Henrico Doctors`s Hospital во Richmond,Virginia.

Најсериозните компликации, вклучувајќи раѓање на мртвородено, предвремено породување и ниска тежина при раѓање се предизвикани од никотинот и јаглеродниот моноксид, кои заедно делуваат за намалено снабдување на вашето бебе со кислород. Никотинот го задушува кислородот со тоа што ги стеснува крвните садови во вашето тело, вклучувајќи ги и оние во папочната врвка. Тоа е исто како да го натерате вашето бебе да дише низ тесна сламка. Што е уште полошо, црвените крвни клетки, кои пренесуваат кислород, почнуваат да примаат молекули на јаглероден моноксид наместо на кислород. Одеднаш, ни тенката сламка веќе не може да пренесе онолку кислород колку што би требало.

КАКО ПУШЕЊЕТО ВЛИЈАЕ НА МОЕТО БЕБЕ?

Недостатокот на кислород може да има разурнувачки последици врз растот и развојот на вашето бебе. Во просек, пушењето за време на бременоста ги дуплира шансите за предвремено породување или за раѓање на бебе со тежина помала од 2,5 килограми. Пушењето исто така го дуплира и ризикот за мртвороденост. 

Секоја испушена цигара ги зголемува ризиците за вашата бременост. Неколку цигари на ден се побезбедни отколку цела кутија, но разликата и не е така голема колку што мислите. Телото на пушачот е особено осетливо на првите дози на никотин во денот, така што само една или две цигари се доволни за значително да се стеснат вашите крвни садови. Поради тие причини, дури и оваа "умерена" навика може да има навистина големи последици по здравјето на вашето бебе.

Како пушењето влијае на вашето бебе

Тежина и висина

Во просек, една кутија цигари на ден за време на бременоста намалува околу 220 грама од тежината на вашето бебе. Пушењето на две кутии на ден за време на бременоста, може да намали скоро половина килограм од родилната тежина на вашето бебе. Додека на некои жени може да им се допадне идејата да родат помало бебе, забавувањето на растот на бебето во матката може да има негативни последици кои ќе траат цел живот.

Телесна градба и бели дробови

Бебињата кои се родени помали имаат недоразвиена телесна градба. Нивните бели дробови може да не бидат подготвени да дишат сами, што значи дека бебето ќе треба да помине одреден број денови или недели приклучено на респиратор (машина за дишење). Откако ќе почнат да дишат сами, па дури и ако дишат сами од почетокот, овие бебиња може континуирано да имаат проблеми со дишењето - поради задоцнетиот развој на белите дробови или поради некои други негативни последици од пушење. Децата чии мајки пушеле за време на бременоста се особено ризични за појава на астма, а имаат и два до три пати поголем ризик за појава на синдромот на ненадејна новороденечка смрт (SIDS – Sudden Infant Death Syndrome).

Срце

Бебињата чии мајки пушеле во првото тромесечие од бременоста имаат поголема веројатност за појава на вродена срцева мана. Според студијата на CDC (Centers for disease control and prevention) од САД објавена во Февруари 2011 година, ризикот за појава на одредени вродени срцеви маани кај бебињата може да биде од 20 до 70 проценти поголем кај оние бебиња чии мајки пушеле. Некои од дефектите вклучуваат пречки при протокот на крв од десната страна на срцето кон белите дробови и отвори помеѓу преткоморите на срцето (атријален септален дефект). Студијата опфатила 2.525 деца родени со срцева мана и 3.435 здрави бебиња родени во периодот помеѓу 1981 и 1989 година.

Мозочни функции

Пушење за време на бременоста може да има доживотни последици за мозокот на вашето бебе. Децата на трудниците кои пушат имаат големи шанси за пореметување во учењето, проблеми со однесувањето и релативно низок IQ (коефициент на интелигенција).

ШТО МОЖАМ ДА НАПРАВАМ? 

Помеѓу сите овие мрачни статистики лежи неверојатна можност: Можете на вашето бебе да му подарите прекрасен подарок со тоа што ќе се откажете од пушењето - колку побрзо, толку подобро. Идеално би било да се откажете од пушењето уште пред да зачнете. На тој начин и би ви било полесно да останете бремени (пушењето ја намалува шансата да зачнете за време на било кој циклус дури за 40 проценти). Исто така, би требало да се борите со откажување од пушењето во време кога би требало да мислите на други работи, како што се правилна исхрана, вежбање и подготвување за раѓањето на вашето бебе.

Се разбира, не успеваат сите да испланираат толку напред во иднината. Но доколку сеуште пушите, кога ќе дознаете дека сте бремени не е предоцна. Итното преземање чекори кон откажување може многу да му помогнат на вашето бебе. Студија објавена во Август 2009 година во списанието Obstetrics and gynecology  покажа дека трудници кои се откажале од пушењето во првиот триместар ги зголемиле шансите за раѓање на здраво и терминско бебе, исто како кај оние мајки кои не пушат. Трудниците кои ги откажале цигарите во вториот триместар исто така ги зголемиле шансите за раѓање на здраво бебе, но не до тој степен како оние кои се откажале во првиот триместар.

Од 14-та до 16-та гестациска недела фетусот треба нагло да започне да накачуваат на тежина. Доколку во тој период сеуште пушите, растот на вашето бебе ќе заостане. Но во моментот кога ќе се откажете од пушењето, вашето бебе ќе почне да го добива потребниот кислород за правилен раст. До следниот ултразвук, вашиот доктор ќе успее да види значајни промени во растот на вашето бебе. Дури и да пушите во триесетата недела од бременоста, сеуште ќе имате време да му дадете на вашето бебе неколку недели да ја накачи тежината најбрзо што може. Лесно е толку колку што е и тешко -  како што е фрлањето на вашите цигари и целосното откажување од пушењето.

Иако сте свесни за опасностите од пушењето, не е секогаш лесно да се откажете од таа навика. Недостатокот на никотин може да ги победи вашите добри намери и да ја засени вашата посветеност кон детето. Затоа не треба сами да се откажувате од пушење. Зборувајте со вашиот доктор за различните начини на кои може да се откажете. Побарајте поддршка од вашиот партнер и најблиските. Мора да бидете  подготвени да се потпрете на другите луѓе во откажувањето, затоа што сепак, постои некој кој смета на Вас.


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama