Стресот е последица од брзото темпо на живот и секојдневните промени кои ни се случуваат. Може да биде предизвикан од внатрешни и надворешни фактори кои дејствуваат на внатрешната биолошка, психолошка и социјална хомеостаза.
Стресот може да се јави во било кој период од животот, а најизразен е во периодот на бременоста кај жената. Стресот може да биде негативен односно да влијае негативно врз здравјето. Исто така постои позитивен стрес кој влијае позитивно, па дури и поттикнувачки.
Она што е многу важно е дека секоја индивидуа се адаптира на стресните случувања и создава свој одбранбен механизам. Во периодот на бременост мајката е одговорна и за себе и за својот плод, па мора да развие адаптивен и одбрамбен механизам и за двајцата.
Прворотките се изложени на голем стрес во бременоста, поради тоа што за прв пат се здобиваат со оваа огромна одговорност. Многу важни фактори за справување со стресот се карактерните особини на мајката, на нејзиниот партнер, околината, видот на стресната ситуација, индивидуалната процена за значењето на стресниот настан и начините на делување и соочување со ситуацијата.
Последиците од стресот може да бидат краткорочни односно моментални, но и долгорочни односно нивното влијание да потрае. Исто така, последиците може и да не се покажат веднаш туку после одреден период и наеднаш да влијаат врз здравјето на мајката и на бебето. Зависно од тоа колкав е интензитетот на стресот може да се покажат и одредени физиолошки реакции, односно намалување на имунитетот, покачување на крвниот притисок, забрзување на пулсот, срцевата работа, дишењето, промена во расположението.
На стресните ситуации може да реагираме на три начини. Да се бориме да се насочиме кон решавање на проблемот или емоцијата, да ја одбегнеме или игнорираме ситуацијата и да се предадеме односно да отстапиме, да се повлечеме и да го развиеме чувството на беспомошност.
За да се справиме со стресот и да го заштититме сопственото здравје, особено за време на бременоста потребно е да се обидеме да имаме здрав начин на живот :
-Квалитетен сон- За добар сон многу поволно делува навиката во точно определено време да се оди на спиење, но пред тоа да се реализира мала прошетка или кратки физички активности.
-Одмор во текот на денот- треба да се комбинира активен и пасивен одмор, односно физички вежби, прошетки, социјални и културни активности, хоби кое не прави задоволни.
-Здрава и правилна исхрана- Храната треба да се конзумира во редовни временски интервали, да биде урамнотежена и природна. Избалансирано внесување на витамини и минерали и доволно течности.
Затоа е многу значајна грижата за сопственото здравје и здравјето на бебето за време и по бременоста, како и избегнување, односно решавање на стресогените ситуации колку што е можно повеќе, поради последиците кои може да се појават заради преголемата изложеност на стрeсни ситуации.
Ивана Ѓуроска
Волонтер на Лулка