Што е Лулка? Што значи нашата организација и каква симболика носи ова име? Лулка е местото каде се става бебето за да биде мирно, Лулка е мајчината прегратка која го гушка бебето додека цица, за да заспие.
Лулка е мајчината утроба, матката во која бебето нежно и заштитено од надворешните влијанија спокојно расте и се развива до моментот кога ќе се роди, кога ќе го запознае светот и своите родители.
ОЧЕКУВАЊЕ, ГРИЖА, ЉУБОВ, ДОВЕРБА...
Сакаме да Ве поздравиме и да Ви посакаме добредојде во нашиот прекрасен свет на очекувања, грижа, љубов и доверба.
Овие четири збора беа и се основа на постоењето и делувањето на организацијата Лулка, и наш водич низ многубројните активности со кои ќе Ви помагаме, ќе Ве едуцираме, ќе Ве бодриме и охрабруваме пред и во текот на бременоста, породувањето, одгледувањето и воспитувањето на Вашите деца.
Очекувањата на бремената жена која во себе носи нов живот, полна со надеж и љубов е инспирација за сите наши активности. Грижата на мајката за своето малечко, од првиот миг кога ќе го види и ќе го почувствува неговиот допир е извор на силата да дејствуваме и да работиме уште понапорно. Љубовта на детето кон својата мајка, толку наивна и безусловна е наш постојан двигател, затоа што детската насмевка е најубавото нешто на овој свет. Довербата е единственото нешто кое го очекуваме од Вас, и ќе направиме се за да ја добиеме и зачуваме.