Првиот плач на бебето по породувањето ги означува првите вдишувања на надворешниот воздух, кои за бебето се многу значајни. Тогаш настануваат бројни промени на системот за дишење и крвотокот.
Феталниот крвоток, кој функционира во текот на бременоста, претрпува промени кои сега му овозможуваат на бебето да диши преку сопствените бели дробови.
Доколку се е во ред и бебето е здраво, тоа веднаш заплакува и диши, а кожата му е розеникаво пребоена. Доколку има некој проблем, бебето е модро и не заплачува.Тоа е млитаво и нема активни движења. Токму поради тоа, веднаш по породувањето, со апгар скорот во првата минута се утврдува дали е неопходна реанимација и поопширен медицински третман.
Најпрво на бебето му се извршува рутински неонатолошки преглед. Во првата и петтата минута по породувањето се врши оценување на бебето со Апгар скор. Во меѓувреме се врши и брз преглед на бебето. Најпрво се мери во должина и тежина, потоа се испитува дали постојат некои вродени малформации, дали е се во ред со кардиоваскуларниот систем и дали има потреба од итна медицинска интервенција. Се прегледува рбетот на бебето за присуство на одредени дефекти, отвори или длабнатини (Spina bifida).
Во рамките на прегледот на бебето му се капнува раствор на сребро нитрат во очињата. Ова се прави рутински кај сите бебиња, со цел да се спречи можна инфекција на очите со бактерии од родилниот канал на мајката. Се аплицира инјекција витамин К во бутниот предел на бебето. Витаминот К е многу значаен бидејќи ја потпомага функцијата на згрутчување на крвта на бебето. Потоа се врши боцкање на петата на бебето за испитување (скрининг) на евентуално присуство на некои метаболни заболувања. На крајот бебето се повива и се дава на мајката за првиот подој.