A што е татко? Крвно сродство, некој кој ти е најблизок после оној кој те родил. Кај нас скоро и да не се знае и да не се одбележува Денот на татковците, а на интернет може да се види дека западниот свет последниве денови е во знак на татковците.

Има картички, пораки, убави поговорки посветени на таткото и што тој претставува, се нудат и интересни попусти, пакети на производи за да му купите на вашиот татко подарок и да го израдувате. 

Баш убаво, јас би се израдувал некој денес да ми поклонеше нешто за овој ден, па макар и најсимболично. Да осетиме и ние татковците од магијата која им се случува на жените на 8-ми Март. И бидејќи се вели дека на жената ѝ е прaзник секој ден, треба да добива цвеќе и подароци секој ден, а не само на 8-ми Март, јас би рекол нека биде исто и за татковците... Секој ден поклони... :)  Се шегувам. Улогата на жената и мајката во општеството според мене е неприкосновена, па навистина жената и мајката заслужуваат постојано внимание и почит, 24/7, 365 дена во годината.

Моето дете е мало, па јас за подарок за денот на татковците ќе се стрпам некоја година. 

Она што сакав да го одбележам со оваа колумна не се однесува толку на нашата улога на татковци, колку на нашата улога на деца, нечии синови и ќерки. Ние самите, како млади луѓе, некако сме склони кон постигнување на наши сопствени цели, задачи, барање на внимание и поддршка за себе, па понекогаш подзабораваме тоа да им го пружиме на нашите родители. Кај нас во Македонија постарите, повозрасните, често не го добиваат оној третман, почит и однос од помладите кој што всушнoст го заслужуваат. 

Треба да станете родител, за да сфатите дека животот целосно се менува кога имаш деца, дека жртвуваш сѐ во секој момент, кога легнуваш навечер имаш дете, кога стануваш наутро имаш дете, кога седиш на кафе имаш дете (без разлика дали ти се плетка меѓу нозе или те чека кај некоја од бабите), кога си на работа имаш дете, кога си на одмор имаш дете, за нова година пак имаш дете, и така натаму. Значи, нашите родители поголемиот дел од својот живот го поминале со нас како нивни деца, како семејство, како нужно зло :), па сметам дека навистина заслужуваат почит и достоинствен однос, секој ден, а особено на Денот на татковците. Умберто Еко рекол дека она што сме ние денес е одраз на нашиот татко и на неговото однесување во најобичните моменти, не тогаш кога се обидувал нешто да нѐ искара или да нѐ научи, туку тогаш кога го живеел својот живот на начин на кој сметал дека треба. 

Значи сите ние, иако не го чувствуваме тоа секојдневно, имаме во себе вметнато дел од нашите родители. Затоа, мојата порака до сите татковци е да бидат пример за нивните деца. Да не се однесуваме во стилот „Слушај што ти кажувам, не гледај што правам“ бидејќи нашите деца ќе бидат токму тоа што ние сега сме, а не она што им кажуваме да бидат. Бидете пример и живејте онака како што сакате вашето дете да живее, како што сакате тоа да биде и да се сеќава на Вас. И не заборавајте да му искажете почит на било кој начин на Вашиот татко, за тоа што сте станале она што сте. 

Оваа колумна ја посветувам на Денот на татковците, на мојот син и на мојот татко.


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama