Др Денис Ал Кхалили – специјалист педијатар и претседател на организацијата Лулка, предавач на работилниците за доење кои ги организира Лулка, вели дека доењето е сосем природен однос помеѓу мајката и бебето, кој е пожелно да започне веднаш по раѓањето, за да може за краток период од неколку дена, мајката да обезбеди храна и целокупна поддршка за малото новороденче. Тој ги советува мајките да се изолираат од секојдневните настани, проблеми, од домашните обврски и нив да ги препуштат на блиските во семејството. Мајката која дои треба да има интимност, да го држи во прегратка своето бебе пред да го постави на града, по можност кожа-на-кожа, да го гали, да му зборува, да се поврзе со бебето, па така лактацијата ќе биде стимулирана и млекото ќе почне да тече.

 

16996294 10154438423260847 2400772815282161782 n

 

Што за вас, како педијатар, претставува доењето?

За мене раѓањето, и доењето кое доаѓа набрзо потоа, претставуваат основа на животот, биолошка норма, процес кој е сосема природен. Доењето е еден природен физиолошки процес кој овозможил цицачите, и човекот секако, да опстојат илјадници години. Сепак, доењето бара информираност, поддршка и процес на учење и развивање на вештината.

Доењето е еден сосема природен однос помеѓу мајката и бебето, кој е пожелно да започне веднаш по раѓањето, за да може за краток период од неколку дена, мајката да обезбеди храна и целокупна поддршка за малото новороденче.

Педијатријата е многу блиску поврзана со доењето, пред се бидејќи во текот на образовниот процес, едукацијата на педијатрите, во текот на специјализацијата и во секојдневната пракса ги учиме, проучуваме, но и секојдневно ги гледаме бенефитите од доењето. Овие предности на доењето се гледаат кај бебињата, кај мајките, во емоционалните односи и поврзаноста помеѓу мајката и бебето, односите во семејството итн.

Според мене, по породувањето доењето ги поставува работите на свое место. На мајката и помага да се трансформира, да стане мајка, да се намали нивото на стрес по породувањето, да го прифати бебето и да се поврзе со него, да се намали веројатноста за постпородилна депресија. На бебето му овозможува соодветен нормален почеток на животот, квалитетна исхрана, задоволување на сите нутритивни потреби, вклучително и витамини, минерали, имунолошки активни состојки, без разлика во каква социо-економска средина тоа се раѓа. Бидејќи мајчиното млеко е секогаш чисто, здраво, бесплатно и дава огромна имунолошка потпора на бебето во првите месеци, тоа на некој начин навистина прави сите бебиња да имаат еднаква шанса да бидат здрави, од првиот момент по раѓањето.

 

Според вашата пракса, колку е застапено доењето во Македонија и зошто е тоа така ?

Според WBTi извештајот за Македонија од 2017 година, кој црпи информации од расположливите податоци, доењето во првиот час по раѓањето, во МК е застапено кај 21% од раѓањата, ексклузивното доење е застапено со 23%, доењето во просек трае 12,1 месец, а средната должина на ексклузивното доење е 1,3 месеци, што е многу кратко. Овие податоци потекнуваат од извештајот на Иницијативата за трендовите на доење во светот – WBTi (World breastfeeding trends Initiative) кој го спроведува меѓународната организација IBFAN (International Breast Feeding Action Network).

Современиот здравствен систем при водење на здравствените статистики и индикатори, треба да ги инкорипорира и основните податоци за доењето, за практиките на исхрана на доенчињата и малите деца. Пожелно е и мониторирање на практиката за споделување на информации и едукација на здравствените работници и на пациентите. Важни критериуми за мерење се спроведувањето на ексклузивно доење, користењето на шише со цуцла, навременото и соодветно воведување на комплементарна немлечна исхрана итн.

Во секојдневната работа се среќаваме со многу мајки кои дојат, дел започнале самоиницијативно, на еден дел како педијатри влијаеме на нивната одлука да го дојат новородено бебе. Ова влијание е повеќе  преку едукација и поддршка, со цел родителите да ги дознаат предностите на доењето за бебето и за мајката и да го дојат своето бебе, да се справат со потешкотиите кои ќе произлезат во текот на процесот на започнување на доењето, притоа да имаат поддршка од семејството, особено од партнерот. Оваа поддршка е во форма на советување пред породувањето, чести контроли во првите денови по раѓањето и супервизија на процесот на доење. Секако, целиот процес пожелно е да го вклучи и таткото, кој е важна алка во одржување на одлуката за доење.

Во секојдневната работа се среќаваме и со огромен број на мајки кои не дојат. Овие бебиња се хранат со адаптирано млеко, еден дел поради таквата лична одлука на мајката, на семејството, а друг дел, според мене поголем, поради потешкотиите кои ги имале на почетокот на доењето, а кои не можеле да ги решат бидејќи во моментот немале соодветни информации, соодветна поддршка или ни едното, ни другото. Современото општество и модерната педијатрија не ги осудува мајките кои не дојат, туку им дава поддршка, ги едуцира и информира за начинот како правилно да ја даваат формулата, истовремено ги информира и едуцира за важноста следното дете да го дојат.

 

Со какви проблеми доаѓаат доилките и бебињата во однос на доењето во вашата ординација ?

Најчесто потребата од поддршка, а и проблемите со кои се соочуваме се случуваат рано, во првите 2 недели по породувањето. Најмногу има потреба од информирање за тоа што е нормално, како да се постави бебето во прегратката на мајката, како правилно да ја прифати брадавката, колку често да цица бебето, колку време да се држи на града и слично.

Неретко се среќаваме со мајки кои се исплашени, вознемирени, кои се плашат дека детето е гладно, дека не напредува доволно во тежина, дека има некаков проблем, па со смирен тон и објаснување ги решаваме дилемите, даваме упатства и потоа најчесто доењето продолжува без проблем. Тука важна улога игра и партнерот кого го потсетуваме како да и даде поддршка на мајката.

Понекогаш се среќаваме со рагади и испукани брадавки, со преполнетост на градите и сл. Често интервенираме во врска со користењето на помагала како силиконски брадавки, пумпи за измолзување, влошки за брадавки, разговараме за случаите кога тие се потребни, кога треба да се користат, и секако, кога се одвишни или треба да се прекине со нивно користење.

Интересно е тоа што често се советуваме со мајките кои се плашат и мислат дека бебето е гладно во периодот кога ќе наполни 2-3 месеци. Проблемите со лактацијата и со доењето се многу ретки во овој период, но бебето кое расте станува посвесно за околината, реагира на промените во околината, на гласови, звуци, тропање на вратата, кои му го одвлекуваат вниманието, па доењето може да стане нерамномерно, поспонтано, подоите да бидат прекинати, понекогаш пократки, што ги наведува мајките да помислат дека немаат доволно млеко.

Важен дел од работата во ординацијата е советувањето за правилно воведување на немлечна комплементарна исхрана на возраст од 6 месеци, кај тие бебиња кои цицаат, но и кај оние кои се хранат со адаптирана формула.

 

14192782 10153934954310847 3856497957710606931 n

 

 

Од што зависи најмногу лактацијата ?

Создавањето на млеко – лактација и процесот на доење зависат од хормоните во организамот на мајката, а големо влијание на овој процес има и внесот на течности и правилната исхрана на мајката. Важни фактори кои влијаат на доењето се стресот, стравот, психичката смиреност или вознемиреност на мајката, па оттука и важноста мајката да биде информирана и да има соодветна поддршка кога ќе и биде потребна. Секако, навремената стручна поддршка која ќе ја добие мајката со бебе, условите во кои живее, социо-економската положба, поддршката од партнерот и семејството, се многу важни за нормалниот процес на доење. 

 

Во однос на млекото, што треба и не треба една доилка да јаде за да дои?

Како што спомнавме, мајката треба да се храни правилно и да внесува поголема количина на течности. Вообичаено се препорачува мајката да не пуши и да избегнува алкохол. Апсолутно внимание е потребно во врска со внесот на лекови, кои како и во текот на бременоста, треба да бидат препорачани од доктор, бидејќи еден дел од тие лекови може да прима и бебето преку мајчиното млеко.

Се препорачува избегнување на храна која содржи конзерванси, адитиви и вештачки бои, се пепорачува внес на повеќе свежо овошје и зеленчук, чорбеста храна, домашно приготвени манџи, доволен внес на месо и млечни производи.

 

Да ги разрешиме митовите! Дали храната што ја конзумира мајката влијае врз вкусот на млекото и дали постои 'не/квалитетно' млеко ?

Апсолутно е важно секоја мајка да знае дека неквалитетно млеко кај мајката не постои. Доколку мајката е здрава, млекото секогаш е онакво какво што му е потребно на бебето. Затоа мајката може соодветно да го храни своето бебе со доење и на 2-3 недели, и на 3-4 месеци и на 15 месеци. На различна возраст мајчиното млеко е различно по состав и прилагодено според возраста на бебето. Доколку навреме, на 6 месеци, правилно се воведе комплементарна исхрана, доењето нуди комплетно задоволување на сите потреби на бебето во првата година и понатаму.

Се смета дека мајчиното млеко може да има различен мирис, според зачините, храната и течностите кои мајката ги внесува во текот на денот, но тоа генерално не го менува вкусот и не влијае негативно на доењето.

 

Кога и зошто се препорачува формула ?

Формула не треба да биде прв избор за ниедна мајка и за ниедно бебе. Вообичаено се препорачува доколку мајката одлучила да не го дои бебето. Во тој случај педијатарот е должен на мајката да и даде соодветни информации за предностите на доењето, но и како правилно да го храни своето дете со формула, со цел тоа да биде здраво и нормално да напредува.

Поретко, може да се даде формула кога мајката е болна и прима лекови кои може да му штетат на бебето, кога има некаква интервенција, лекување, кога мора да биде разделена од бебето и сл.

 

Од вашата пракса како педијатар, колку татковците се информираат и се инволвирани во процесот на доење?

За жал, кај нас татковците се недоволно информирани и недоволно даваат поддршка на мајката во врска со доењето. Сепак, се забележува еден благ позитивен тренд, некои татковци почнуваат да се интересираат за доењето, за неговите предности и ја поддржуваат мајката која го дои своето бебе. Се повеќе идни татковци доаѓаат на работилниците за доење кои ги одржуваме со организацијата Лулка, се интересираат, поставуваат прашања. Се надеваме дека овој растечки тренд ќе продолжи и понатаму.

 

14372355 10153960986950847 1178672426170238862 o

 

 

Што е пресудно за една мајка да дои ефективно?

Дефинитивно, пресудно е навременото информирање за доењето уште пред породувањето. За користа од доењето за мајката и бебето, за здравствените импликации и имунолошката вредност на мајчиното млеко, за финансиските импликации за семејството.

Пресудна е и стручната поддршка за доењето која ќе ја добие породената мајка во родилиштето, и стручната поддршка за доењето која мајката ќе ја добие во првата недела по доаѓањето со бебето дома.

Ако овие предуслови се исполнети, голем број мајки кои имаат потешкотии со доењето, би ги надминале и доењето би продолжило до 18 или 24 месеци, а уште поголем број мајки кои биле недоволно или неправилно информирани, би донеле одлука да дојат, за свое добро и за доброто на своето бебе.

 

Што мислите за помагалата за доење (силиконски брадавици, пумпи и сл.) и дали ги препорачувате?

Овие производи за поддршка на доењето си имаат своја намена и се корисни во одредени случаи. За жал, често се среќаваме со случаи каде нивното користење е одвишно или подолго отколку што треба, што може и да го попречи процесот на нормално доење и одржување на лактацијата. Потребна е обука на здравствените работници за индикациите кога се коритат овие помагала, и информирање на родителите да не ги земаат на своја рака, туку со препорака од педијатар.

Мора да запамтиме дека најчесто, процесот на доење се воспоставува на природен спонтан начин и најчесто ваквите реквизити или помагала се непотребни. И доколку се користат, тоа треба да биде привремено, со цел да не го попречат нормалниот процес на доење.

 

Кој е најчестиот совет кој го давате на доилките во вашата ординација?

Најчестиот совет е дека доењето е природен процес за кој и мајката и бебето се спремни веднаш по породувањето. Ги советувам мајките да се изолираат од секојдневните настани, проблеми, од домашните обврски и нив да ги препуштат на блиските во семејството. Мајката која дои треба да има интимност, да го држи во прегратка своето бебе пред да го постави на града, по можност кожа-на-кожа, да го гали, да му зборува, да се поврзе со бебето, па така лакацијата ќе биде стимулирана и млекото ќе почне да тече.

Паметните телефони и одвлекувањето на вниманието на мајката од бебето, телевизијата, домашните проблеми, актуелните социјални и политички случувања, пушењето како потреба мајката често да излегува од просторијата, може да го намалат или попречат процесот на доење и треба да се избегнуваат, а пушењето доколку е можно да се прекине.

Препорачуваме да не се мерат минути, милилитри, да не се оптоварува мајката со мерење на бебето и дали тоа качило во тежина, туку тоа да го препушти на контролата кај педијатарот и вагата кај педијатарот.

Препорачуваме мајките да кажат јавно дека дојат или дека доеле, да комуницираат меѓусебно и да го споделат искуството, да дадат поддршка на оние кои допрва треба да дојат. Тоа е и една од целите на Светската недела на доењето, меѓусебна поддршка и пренесување на позитивните искуства од доењето, негова заштита, промоција и поддршка.

 

ЛОГО