Пред вас е една нова авантура, која ќе направи да се чувствувате прекрасно и исполнето. Што треба да направите кога ќе дознаете дека сте бремени? Што треба да знаете на почетокот на бременоста ? Очекувањето и неизвесноста што тоа ја носи секогаш ќе постојат...
Задолжителен гинеколошки преглед. Да, така е. Веднаш штом дознаете дека сте бремени, треба да закажете преглед кај гинеколог. Што се случува на првиот преглед? Што ќе бидете прашани? Кои испитувања мора да ги направите?
На првиот преглед на гинеколог по забременувањето, прво ќе го утврдите терминот за породување. Овој датум се добива кога на првиот ден од последната менструација ќе додадете 40 недели. Доколку не сте сигурни за датумот, докторот со ултразвучен преглед до 20. гестациска недела ќе ја утврди староста на плодот и ќе го предвиди веројатниот термин за породување (ВТП).
Првиот преглед е појдовна точка за понатамошно квалитетно следење на бременоста. Тој опфаќа мерење на телесната тежина и височина и мерење на крвниот притисок. Секако, гинекологот по потреба ќе направи и поширок физикален преглед на вашата општа состојба. Овие прегледи му даваат информации за вашето здравје и за понатамошниот тек на бременоста.
На првиот преглед ве очекува вагинален преглед и ултразвук со кој се прегледува матката, нејзината положба и големина, се прегледуваат јајниците и се потврдува бременоста. При оваа посета ќе ви биде направена и лабораториска анализа. Задолжително се испитува крвната група со Rh фактор, крвната слика и урината, шеќер и серумско железо, а по потреба се вршат и одредени анализи за присуство на сексуално преносливи и други инфекции кои можат да му наштетат на плодот.
Докторот ќе ве посоветува како да се храните правилно, кои витамински препарати да ги внесувате, ќе ве праша за вашите навики како пушење, пиење алкохол, употреба на други супстанции и ќе ја потенцира важноста на физичката активност и умереното вежбање во текот на бременоста.
Доколку забележите нешто невообичаено или ве интересира нешто во врска со бременоста, слободно разговарајте со вашиот гинеколог.