Во текот на бременоста жената функционира нормално. Таа се грижи за домот и семејството, оди на работа, излегува, се дружи. Секојдневните активности вообичаено не и пречат на бременоста. Сепак, постојат некои навидум едноставни, а сепак штетни фактори во околината кои може да му наштетат на плодот и треба да се избегнуваат.

Еве некои од тие работи за кои треба да внимавате:

Помеѓу најштетните фактори од кои треба да се заштитите е никотинот. Пушењето е навика која е штетна за организмот воопшто, а особено во бременоста му штети на плодот во развој. Никотинот преку крвта делува на плацентата и го намалува крвниот протокот низ неа. На тој начин доаѓа до намален довод на кислород и хранливи материи и побавен развој на плодот. Важно е да се заштитите и од пасивното дишење на димот од цигарите и повеќе да престојувате во средини каде не се пуши.

Алкохолот не смее да се внесува во организмот во текот на бременоста. За да се спречи штетното дејство на алкохолот врз плодот во развој, најдобро е жената воопшто да не пие алкохол во периодот кога планира да забремени. Алкохолот делува на плодот и предизвикува забавен развој на нервниот систем, што може да резултира со појава на фетален алкохолен синдром кај новороденото.

Во текот на бременоста жената треба да избегнува и контакт со мачки. Причината за ова лежи во можната инфекција со токсоплазма. Тоа е еден вид паразит чиј домаќин е мачката. Токсоплазмата е штетна за фетусот доколку жената првпат дојде во контакт и се зарази со овој микроорганизам во текот на бременоста.

Важно е во текот на бременоста да не дојдете во контакт и со луѓе кои се заболени од рубеола, доколку претходно не сте ја прележале. Рубеолата е една од вирусните инфекции која вообичаено предизвикува сипаници кај децата. Рубеолата има многу штетно дејство врз фетусот и може да предизвика оштетување на срцето, нервниот систем, видни и слушни дефекти. Во околу 20% од случаите на инфекција со рубеола доаѓа до спонтан абортус. Слично на рубеолата, штетни ефекти врз плодот во развој може да имаат и други вирусни инфекции, меѓу кои и инфекцијата со варичела, која е особено опасна доколку бремената жена ја добие при крајот на бременоста и при породувањето.

Лековите и наркотичните средства се исто така особено штетни во текот на бременоста. Тие се штетни и за плодот и за бремената жена. Лековите, кои во нормални услови се безопасни, во бременоста може да предизвикаат многу голема штета. И лековите за кои не е потребен рецепт од доктор може да бидат штетни. Затоа во текот на бременоста сами не смеете да внесувате никакви лекови, треба да внимавате, да се храните правилно и да вежбате, со цел да се избегне потребата од лекови. Доколку имате проблеми со здравјето, неопходно е да се консултирате со доктор и тој да ви одреди соодветна терапија која е безбедна во бременоста. Во текот на бременоста се препорачува апстиненција од било какви опојни средства.


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama