Можноста за измолзување на млекото, на мајката и дава одредена комоција во движењето во секојдневниот живот. Ова е особено важно за мајката која почнува со своите професионални работни обврски.

Измолзувањето може да се прави рачно, за што мајката треба да стекне одредена пракса и вештина за истото да биде брзо и безболно. Празнењето со пумпа може да биде побрзо и помалку заморно. Пумпите можат да бидат: рачни, на батерии или електрични. Без разлика за која од нив ќе се одлучите, многу е важно претходно целиот прибор за измолзување да се стерилизира, а рацете задолжително да бидат измиени. 

Мајката може да се измолзе пред да оди на работа и тоа млеко да го стави во ладилник. Детето ќе го добие подоцна во текот на денот. Вака измолзено и правилно складирано млеко може безбедно да се употребува во наредните 24, па дури и 48 часа доколку е потребно. Складираното млеко мора да се затопли пред да се даде, со ставање на шишето во сад со топла вода.

Давањето на млекото не треба да биде со шише со цуцла. Секоја цуцла може на некој начин да го компромитира доењето, поради компетитивниот антагонизам со брадавката на мајката.

Препорака: 

  • Млекото се дава со лажичка, шприц или со чашка.
  • Мајката е таа која има можност да го одбере начинот на давање на млекото на своето дете, но секогаш треба да избегнува цуцла. Вака хрането дете и понатаму успешно и ефикасно породолжува да цица, што всушност е наша заедничка цел.

Кои се препораките за недоносените деца ?

Како и  за  сите новородени деца, и за нив важи правилото дека мајчиното млеко е идеална храна. Мајчиното млеко со своите нуритивни, биолошки и имунолошки карактеристики за недоносените деца претставува не само храна, туку и лек. За таа цел, мајките на децата кои имаат потреба од интензивно лекување се едуцираат и мотивираат за да го измолзуваат млекото, кое потоа го добиваат нивните новороденчиња. Многу често се комбинира доење, после кое следи дохранување со измолзеното  мајчино млеко. 

На недоносените деца им треба повеќе време за да стекнат кондиција и  да го регулираат истовременото цицање, голтање и дишење. Колку е детето порано родено, толку оваа координација е попроблематична за него. Поради тоа, со ваквите бебиња мора да се има трпение, а мајките да се едуцираат уште во породилиштето. Оваа отежната адаптација се надминува со време и со зреење на детето.

Текстот е објавен во рамките на Светската недела на доењето 2011

Прим. Д-р Марина Поп-Лазарова - Специјалист Педијатар