Во пресрет на Светскиот ден на предвременото породување – 17 Ноември, разговараме со д-р Силвана Наунова Тимовска, претседател на Здружението на неонатолози на Македонија. Во ова интервју, таа зборува за предизвиците, напредокот и идните насоки во неонаталната нега во нашата земја, како и за значењето на заедништвото меѓу семејствата, медицинските професионалци и институциите.

 

- Што значи да се биде претседател на Здружението на неонатолозите во Македонија? Што претставува оваа организација?

Да се биде претседател на Здружението на неонатолозите во Македонија е голема чест и одговорност. Неонатологијата се грижи за најранливите пациенти, новороденчињата, особено за оние родени предвреме. Нашата мисија е да обезбедиме континуирана поддршка и унапредување на неонаталната грижа, како и да ја зголемиме свесноста за нејзиното значење. Здружението ги обединува здравствените работници од јавниот и приватниот сектор кои се грижат за најмалите пациенти, со заедничка цел секое новороденче во Македонија да има еднаква шанса за живот и пристап до квалитетна нега. Во него членуваат супспецијалисти по неонатологија, педијатри и млади лекари специјализанти кои се посветени на развојот и модернизацијата на оваа гранка. Активно соработуваме со меѓународни и регионални организации за едукација и размена на искуства, следејќи ги најновите стандарди и насоки во неонатологијата.

НЕОНАТОЛОЗИ

 

- Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат неонатолозите во Македонија при третманот на предвремено родените бебиња?

Предвремено родените бебиња се најранливите пациенти кои бараат високо специјализирана, постојано достапна нега. Најголемите предизвици со кои се соочуваме во Македонија се недостаток на опрема и кадар, потребата од континуирана едукација и усогласување со современите стандарди во неонаталната нега и грижа. Иако последните години се забележува напредок, особено во опремувањето на дел од здравствените установи со модерни инкубатори и неинвазивна респираторна поддршка, сепак останува потребата од постојано вложување во знаење, технологија и човечки ресурси. За одржлив напредок, неопходни се системска поддршка, регионална рамномерност и соодветна мотивација и надградба за стручниот персонал.

 

- Каква е соработката на Здружението со здравствените институции и Министерството за здравство?

Соработката е континуирана и конструктивна, базирана на заедничка цел – подобрување на неонаталната грижа и намалување на неонаталниот морбидитет и морталитет. Здружението активно учествува во работните групи на Министерството за здравство за изработка на протоколи за третман на новороденчињата, предлага препораки и стандарди за превенција на предвременото породување, како и стратегиски документи за унапредување на мајчиното и детското здравје. Имаме добра комуникација со Министерството и здравствените институции и заедно работиме на подобрување на условите и опремата во неонаталните одделенија.

 

- Колку е значаен Светскиот ден на предвременото породување за Вас лично и како претседател на здружението?viber image 2025 11 11 12 53 24 681

Овој ден има големо лично и професионално значење за мене. Тој е потсетник на сите животи што секојдневно се спасуваат и на предизвиците со кои се соочуваат овие бебиња и нивните семејства. За нас, неонатолозите, овој ден претставува можност да ја подигнеме јавната свест за предвременото раѓање, да покажеме солидарност со родителите и да ја истакнеме важноста на заедништвото. Тоа е ден на хуманост, емпатија и заедничка надеж, ден на свесност и благодарност кон сите што се грижат за овие најмали пациенти.

 

- Како го одбележувавте 17 ноември во изминатите години и што е планирано за оваа година?

Во изминатите години 17 ноември го одбележувавме преку јавни трибини, стручни состаноци и симпозиуми со учество на домашни и странски експерти, како и со симболично осветлување на јавни објекти во виолетова боја, бојата која го симболизира предвременото раѓање. Организиравме и едукативни средби со родителите на предвремено родени деца, на кои тие имаа можност да ги споделат своите искуства и предизвици. Оваа година планираме јавен настан посветен на најмалите херои и нивните семејства, со учество на експерти кои ќе говорат за современите пристапи во неонаталната нега на предвремено родените бебиња. Ќе бидат претставени и инспиративни приказни за надеж, храброст и безусловна љубов, раскажани од родители на предвремно родени деца, со цел зголемување на јавната свесност и поддршка за овие семејства.

 

- Колку е значаен фактот што СЗО го вклучи овој ден во Календарот на јавноздравствени датуми?

Ова претставува историски чекор и големо признание за глобалната важност на оваа тема. Со вклучувањето на 17 ноември во Календарот на јавно–здравствени датуми, Светската здравствена организација испрати јасна порака дека предвременото раѓање е еден од клучните предизвици за јавното здравје во 21 век. Оваа одлука придонесува за поголема видливост, подобра меѓународна координација и потенцијално зголемена финансиска поддршка за програмите насочени кон превенција и третман на предвременото раѓање. За нас, тоа е потврда дека сме на вистинскиот пат и дека грижата за предвремено родените деца не е само медицинска, туку и општествена одговорност.WPD FB Insta Collage global no branding EN

 

- Колку е важна соработката меѓу родителите, медицинскиот персонал, компаниите и креаторите на политики?

Соработката меѓу сите засегнати страни е од суштинско значење. Предвременото раѓање не е само медицинска состојба, туку животен настан што го засега целото семејство и бара општествена поддршка. Родителите се клучни партнери во неонаталната нега, а нивната вклученост има директно влијание врз исходот на грижата за бебето. Компаниите можат да придонесат преку донации, опрема и поддршка за едукативни проекти, додека здравствените институции и креаторите на политики имаат обврска да создадат одржлив систем на грижа. Само преку заеднички и координиран пристап можеме да изградиме интегрирана мрежа на поддршка што ќе им овозможи на овие бебиња најдобар можен почеток во животот.

 

- Како го оценувате напредокот во третманот и преживувањето на предвремено родените бебиња во Македонија?

Во последните децении е постигнат значаен напредок во преживувањето и квалитетот на неонаталната грижа на предвремено родените бебиња. Благодарение на мултидисциплинарниот пристап, подобрената опрема, современите протоколи и зголемената експертиза, денес преживуваат и бебиња родени со екстремно мала гестациска возраст. Се унапредија пристапите кон сурфактант заместителната терапија, неинвазивната вентилација и нутритивната поддршка. Овој позитивен тренд е резултат на долгорочна посветеност и континуирана едукација на здравствениот персонал. Верувам дека со понатамошни инвестиции во кадар, инфраструктура и системски пристап, овој напредок ќе продолжи и ќе обезбеди уште подобра грижата за предвремо родените бебиња.

viber image 2025 11 11 12 53 25 539

 

- Кои се идните планови на Здружението за подобрување на неонатолошката грижа?

Во наредниот период, Здружението ќе се фокусира на неколку приоритети:

  • Континуирана едукација преку организирање на национални и меѓународни конгреси, симпозиуми и обуки за неонатална реанимација и стабилизација;
  • Стандардизација на неонаталните протоколи во сите установи низ земјата;
  • Воспоставување на национален регистар на предвремено родени деца, што ќе овозможи следење на исходите и подобро планирање на политиките;
  • Поддршка на младите лекари и развој на менторски програми за специјализанти и супспецијализанти по неонатологија;
  • Јакнење на врските со родителските здруженија и невладиниот сектор.

Нашата визија е јасна – секое новороденче во Македонија да има еднакви шанси за живот, независно каде е родено.

 

- Кој е вашиот апел до јавноста?

Мојата порака до јавноста е едноставна, но искрена и длабока. Предвремено родените бебиња се мали борци кои секојдневно не учат што значи вистинска храброст и не потсетуваат дека секој живот е чудо и победа сама по себе. На овие бебиња им се потребни љубов, разбирање и поддршка, не само од родителите и лекарите, туку од целото општество. Секој може да придонесе, преку поддршка на родителските здруженија, ширење на свесност и емпатија кон семејствата кои минуваат низ траорни искуства, учество во донации за неонаталните одделенија или едноставно преку промовирање култура на грижа и сочуство. Кога заедно ќе го поддржиме почетокот на животот, ние всушност инвестираме во иднината на сите нас.