Болката во стомачето на бебето многу често е првото непријатно искуство на родителите со нивното малечко. Таа се јавува во текот на првите 3 месеци по породувањето во вид на стомачни грчеви. Грчевите се проследени со долготрајно плачење на бебето кое тешко може да се смири.
Детето е раздразливо и не може да заспие. Вообичаено се јавуваат во исто време во текот на денот и ноќта или по јадење. Кога има грчеви, кај бебето често се забележува дистендиран, напнат стомак. Тоа плаче, ги витка нозете кон стомачето и има гасови. Грчевите во периодот до тримесечна возраст се најчесто безопасна појава. Тие се должат на нормалните процеси во цревата на новороденчето. Цревата на новороденчето немаат ензими за да обработуваат друга храна освен мајчиното млеко (или млечна формула како замена за него). Давање на било која друга храна во овој период прави грчеви, ги оштетува цревните ресички кои се наоѓаат на слузокожата на цревата. Тоа предизвикува чести празнења на цревата, а бебето не напредува доволно, што се воочува при мерење на тежината на преглед.
Грчевите може да настанат и од некои супстанции кои мајката ги внела претходно со храната, а кои преку мајчиното млеко предизвикуваат грчеви во цревата на бебето. Грчевите се резултат и на голтањето поголеми количини воздух при хранење и плачење. Во следните месеци се развива способноста на цревата да ја искористат храната, се формира цревната бактериска флора која е неопходна за нормално функционирање на системот за варење, па и овие тегоби најчесто се губат по навршување на третиот месец.
Без разлика дали се чувствувате уморни, нервозни или беспомошни во справувањето со грчевите во првите месеци по породувањето, неопходно е да го негувате бебето, да му пружите колку што е можно повеќе нега, топлина и љубов. На тој начин многу полесно ќе се справите со секоја болка или нелагодност која ја има вашето бебенце.