По породувањето и враќањето на мајката и бебето, дома ништо повеќе не е исто. Целото семејство се прилагодува кон потребите на најновиот член на семејството, на кого најмногу му е потребна помош.

Покрај постојаната посветеност на мајката, не смее да изостане поддршката и од другите членови во домот. Развојот и напредокот на бебето, како и првите насмевки и љубопитни погледи кои тоа ги упатува се наградата која ја добива мајката додека се грижи за своето бебе.

Набрзо по доаѓањето дома ќе се воспостави одреден ритам и рутина на хранење на бебето. Меѓутоа бебето расте и постојано се менува. Некои појави кои настануваат во текот на развојот на бебето може да ја збунат неискусната мајка која во се гледа опасност за своето бебе. Познавањето на промените кои се случуваат кај бебето во првите три месеци ќе и помогнат на мајката полесно да го преброди овој осетлив период. Доколку е запознаена со развојот на бебето мајката ќе биде посигурна и посмирена, па таа смиреност лесно ќе му ја пренесе и на бебето.

Кога ќе се роди бебето нема солзи. Солзниот систем сеуште не е развиен комплетно, а плачењето најчесто ја одразува потребата за храна на бебето. Солзите првпат се јавуваат во периодот од 1,5 до 3 месечна возраст. Плачењето може да биде и резултат на грчевите во стомачето на бебето. По некое време веќе искусната мајка го препознава плачењето и знае што му е потребно на бебето.

Носето не бебето исто така нема секрет во почетокот. Подоцна, во текот на вториот месец почнува да се создава слузав бистар секрет. Оваа појава е целосно нормална, но понекогаш родителите непотребно се загрижуваат од појавата на секретот, помислувајќи дека бебето е настинато.

Во текот на вториот или третиот месец првпат започнува да се создава и плунка од плунковните жлезди. Бебето почнува да се лигави, па тогаш е време да го купите и првото лигавче. Лигавчето повеќе ќе Ви треба од 5. месец натаму. Бидејќи бебето најчесто лежи на грб во овој период може повремено да се подзасркнува од сопствената плунка и да поткашлува. И оваа појава набрзо се надминува без никакви штетни последици.

Во текот на првите три месеци се јавуваат и грчеви во стомачето кај бебето. Се јавуваат набрзо по раѓањето и се губат некаде кон крајот на третиот месец. Грчевите настануваат поради сеуште неразвиениот ензимски систем за варење на храната и поради неправилно доење. Грчевите се најчеста причина за непроспиените ноќи на родителите во првите недели по породувањето. Сепак, утврдено е дека грчевите се позастапени кај поемотивните бебиња. Советите за мајката се во насока таа да биде смирена и да му пружи грижа и љубов на своето бебе. Помага доколку се ставаат топли облоги на стомачето на бебето.

Во текот на првите три месеци, мајката будно ќе ги следи сите промени кај бебето. Меѓудругото, во секојдневниот контакт со бебето таа треба да утврди дали бебето нормално гледа и слуша, како реагира на звуци, дали се врти кога му зборува и дали ја следи со очите. Доколку забележи нешто невообичаено мајката треба да се обрати на педијатар за евентуално потврдување или исклучување на сомневањето.

Д-р Вида Фотева - Педијатар


 

 

 Babytol baner

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama