Исхраната на бебето во текот на првата година е многу важна. Со правилна исхрана бебето расте и добро напредува во тежина.

Доколку не се храни правилно тоа е изложено на зголемен ризик од алергии, можни се бројни проблеми со варењето на храната, пролив и слично. Неправилната исхрана може да предизвика алергиски реакции, исфрлање по телото, црвенило или егзематосен исип.

За правилен раст и развој на бебето и спречување на алергиските реакции кои се многу чести во денешно време, неопходно е да се придржувате кон одредени правила во исхраната на бебето и постепено да ги воведувате хранливите продукти по навршување на определена возраст.

До 6 месеци

До шест месечна возраст особено е важно придржувањето кон принципот на ексклузивно доење. Ова подразбира дека, доколку бебето правилно цица и напредува во тежина, не треба да му се дава ништо друго за јадење или пиење освен мајчиното млеко. Бројни студии покажуваат дека во првите 6 месеци на бебето не му е потребно ништо друго освен мајчино млеко, дури ни вода.

Во 5. месец, само доколку забележите дека бебето е гладно, може да започнете со дохрана. Дохраната оди паралелно на доењето и мора да се состои од определени продукти кои бебето може да ги искористи и кои нема да направат алергија. Во овој период можете постепено да воведете оризова кашичка или измиксиран варен ориз. Може да му дадете на бебето и варено јаболко, изгмечено со вилушка или во блендер. После неколку оброци од варено јаболко може слободно да почнете со давање на живо (свежо) рендано јаболко. Се препорачува првите оброци да бидат од еден прехрамбен артикл, на кој цревата полесно се приспособуваат. Подоцна може да се дава и живо рендано јаболко комбинирано со варен блендиран ориз.

Во 6. месец

Кога бебето ќе наврши шест месеци покрај доењето или исхраната со млечна формула треба да се започне со дохрана. Потребите на бебето се зголемуваат и по шест месечна возраст неопходно е постепено воведување на хранливите продукти. Покрај оризовата кашичка и јаболкото, на бебето веќе може да му давате различни видови на овошје како круша, тиква, банана, кајсија, праска, цреша и друго овошје зависно од сезоната. Овошјето треба да се дава свежо, термички необработено, бидејќи на тој начин се искористуваат сите витамини. Пред да се даде овошјето мора добро да се измие и да се измиксира во блендер. На оваа возраст поради опасност од алергии на бебето НЕ СМЕЕТЕ да му давате ЦИТРИЧНО овошје, како што се портокал, лимони, мандарини, грејфрут, потоа манго, папаја и слично.

Во 7. месец

Кога детето ќе наполни 7 месеци може да му давате и зеленчукова каша. Воведувањето на зеленчукот е многу значајно поради богатството со витамини и минерали. Но и тоа мора да се воведе постепено, еден по еден продукт до 8 месечна возраст . Ви препорачуваме најпрво да започнете со зеленчукова каша од морков и компир, а потоа постепено, на секои два – три дена, да воведувате по еден нов зеленчук: кромид, спанаќ, брокула, блитва, праз, магдонос, краставица, патлиџан. Зеленчукот се дава убаво исчистен и измиен, обарен и испасиран. На храната која ја јаде бебето не смеете да додавате шеќер, ниту сол.

Кон крајот на 7. месец при варењето на зеленчукот може да додадете и телешко месо. Животинските продукти се исто така многу значајни, поради богатството со железо, протеини и есенцијални аминокиселини. Со полни осум месеци може “да почнете да јадете” и жолчка од тврдо варено јајце, помешана со банана, може со малку јогурт, со супа од месо или со мајчино млеко. Вака растворена жолчката бебето полесно може да ја голтне. Белката од јајцето мора да ја изоставите, поради протеините кои многу често прават алергија кај децата помали од 1 годинка. Пилешкото месо и јајцата се проблематични поради големата количина на хормони кои се содржат во нивната исхрана. Препорачливо е пилешкото месо и јајцата да се набавуваат од домашна живина која е хранета со пченица и друга природна храна која не содржи хормони. Доколку не најдете, најдобро е пилешкото месо да се воведе во исхраната на бебето по првиот роденден.

8 до 12 месеци

Пченица и пченично брашно, како и продукти како леб, гриз, бисквити, кекси и слично може да му дадете на бебето дури по навршување на 10 месеци. Ова се препорчува поради глутенот од пченицата. Поради недостиг на одредени ензимски механизми бебињата помали од 10 месеци не можат да го преработат глутенот . Во тој случај глутенот го врзува железото и може да предизвика анемија кај бебето.

Свинското месо може да се дава после 10. – 11. месец, но само ако е органски произведено. Се подготвува само чисто месо, без масни делови. Во последно време особено популарно е и јагнешко месо кое е природно произведено. Исто така, за бебето може да се приготвува и зајачко месо од домашно производство.

По навршена една година

По навршување на 1 година се препорачува општа исхрана која не содржи конзерванси, адјуванси и зачини. Бебето слободно може да ја јаде и белката од јајцето. После првиот роденден треба да приготвувате и риба, слободно може да “јадете” и мед, продукти кои содржат какао, чоколади (се разбира умерено), смоки и друго. Смоките треба да се избегнуваат пред да наполните 1 годинка поради кикириките кои ги содржат, а кои претставуваат многу честа причина за алергиски реакции кај децата помали од една година. Храната може да се посоли, но не смее да содржи многу сол.

 

Д-р Вида Фотева
Педијатар
 

 

 


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama