Во жешките летни денови, а особено кога сте на одмор, неопходно е да ги преземете сите можни мерки за заштита на Вашето дете од прегревање и дехидрација. Високите температури предизвикуваат поизразена загуба на течности преку дишењето и преку кожата со потење.
Потребно е особено внимание и редовен внес на течности кај најмалите, бидејќи тие не знаат да кажат ‘ми се пие вода’.
Најчесто кај децата се јавува топлотен удар. Ова пореметување може да помине без последици, но понекогаш може да предизвика значителна штета за бубрезите и мускулите на детето. Дехидрирањето и топлотниот удар може да се препознаат по следниве знаци и симптоми:
- Плачење без солзи
- Пропаднати очи
- Намалена еластичност на кожата
- Намалена количина на урина, потемно пребоена, со поизразен мирис
Тестот за еластичност на кожата се прави на стомачето, на подлактицата или на задната страна на вратот. Се штипнува кожата и се гледа дали е потребно подолго време набраната кожа да се врати во претходната состојба. Урината може да се испита и лабораториски, при што главен индикатор за дехидрираност е присуството на кето-тела во урината.
Еве неколку совети како да го спречите дехидрирањето на Вашето бебе. Во лето, доколку излегувате надвор, секогаш носете вода со себе. Не се потпирајте на претпоставката дека ќе купите вода или ќе најдете јавна фоната со вода за пиење. Постојано терајте го вашето дете да пие вода. Внесувањето на млеко, газирани сокови или џус само ја зголемува потребата за вода во организмот. И доколку децата се заиграат, неопходно е да ги прекинувате во играта и да им дадете вода. Избегнувајте да шетате во најтоплиот период од денот, од 11 до 17 часот.