Дијагностицирањето на неплодноста е многу значајно, пред се поради фактот дека доколку се утврди неплодност, лекувањето не смее да се одолговлекува.
Испитувањето на неплодноста открива дали постои проблем кај партнерите. Со примена на специфичен протокол на испитување двојките кои имаат проблем може брзо да се насочат кон соодветниот третман. Третманот може да вклучува и едноставно чекање на спонтано зачнување кај партнерите. Со правилен пристап се овозможува квалитетна и рационална дискусија во врска со проблемот со обајцата партнери.
Дали има проблем, треба да се запрашате по една година од воспоставувањето на редовни незаштитени сексуални односи. Меѓутоа има одредени исклучоци. Испитувањето на неплодноста треба да започне и порано, доколку жената е постара од 35 години, ако има историја на СПИ (сексуално преносливи инфекции) кај некој од партнерите, доколку жената има претходни хируршки зафати во карличната регија или има историја на неправилен менсруален циклус.
Испитувањето на неплодноста се изведува по одреден редослед, паралелно кај обајцата партнери. Особено важен дел од справувањето со неплодноста е комуникацијата помеѓу партнерите, како и нивната заедничка комуникција со медицинскиот персонал.
Основните испитувања на неплодноста опфаќаат неколку процедури и пожелно е да се спроведат во текот на следните 3 месеци:
- Се испитува дали жената овулира;
- Ако не овулира, се утврдува причината за оваа појава (ановулација);
- Паралелно се испитува квалитетот на спермата кај мажот;
- Се утврдува дали има промени во јајцеводите и матката на жената;
Во зависност од резултатите од испитувањата се преземаат конкретни тераписки мерки или се продолжува испитувањето на повисоко ниво.
Значајно е да се нагласи дека само мал број од брачните двојки имаат апсолутен инфертилитет, т.е. потполна неможност за зачнување. Најголемиот број од двојките имаат само релативна неплодност, на која може да се делува и постојат реални шанси да се постигне посакуванот резултат. Испитувањата не треба да се прават предвреме, но не смее ни многу да се чека, бидејќи на тој начин тераписките мерки ќе имаат подобар резултат, а ќе се избегне и емотивниот стрес кој вообичаено ги следи овие појави и ја влошува состојбата во семејството.