Освен што е идеална исхрана за бебето, доењето носи и голем број предности за мајката. Позитивните ефекти се видливи уште веднаш по породувањето.

Кога бебето ќе почне да цица, настанува рефлексно ослободување на поголема количина на хормонот окситоцин во организмот на мајката. Овој хормон предизвикува контракции на матката по породувањето и намалување на постпородилното крварење. Оваа појава има големо значење во опоравувањето на мајката по породувањето.

Кај некои мајки во послепородилниот период може да се јави умерена болка во стомакот во текот на доењето. Оваа болка настанува како резултат на контракциите на матката по дејство на окситоцинот. Оваа појава не е причина за страв и за прекин на доењето. Окситоцинот истовремено го олеснува и течењето на млекото од дојките.

Доењето носи и силен емоционален бенефит за мајката. Доењето овозможува поблизок интимен контакт на мајката со најзиното бебе и повеќе заеднички моменти. Сетилото за допир кај бебето по породувањето е развиено значително повеќе од другите сетила. Блискиот контакт на бебето со мајката овозможува подобро меѓусебно поврзување. Мајката е посреќна и позадоволна  бидејќи дава голем придонес во развојот на своето бебе. Некои истражувања спроведени во последните години асоцираат на поврзаност на доењето со помал број случаи на пост-породилна депресија кај мајката.

Во изминатите години медицината дојде до заклучок дека кај мајките кои го дојат своето бебе постои помала веројатност за појава на рак на дојките, јајниците и матката.

Доењето на бебето е бенефит и за целото семејство. Тоа е најевтин начин на исхрана, секогаш е на располагање, со идеална температура и идеален состав во однос на возраста на бебето.