Од особено значење за нормалниот раст и развој на орофацијалниот систем е начинот на исхрана на доенчето. Во периодот на доењето, превентивните мерки се главно насочени кон обезбедување на услови за нормално примање на храната.

Од големо значење е не само составот на храната која му се дава на бебето, туку и начинот на кој тоа ја прима храната. Исхраната може да биде природна (доење), вештачка (со млечна формула) и комбинирана.

Доењето би требало да трае најмалку 6. месец по раѓањето на бебето. Препораките на СЗО (Светската Здравствена Организација) се бебето да цица до навршување на втората година од животот. Препорака е единечното доење да не трае повеќе од 10 до 15 минути. Покрај богатиот извор на хранливи материи, протеини и витамини кои ги содржи мајчиното млеко, доењето има големо значење и како поттик за правилен развој на вилиците на бебето преку природниот начин на цицање. При нормалното цицање, лицевите мускули на бебето развиваат до 60 пати поголема сила отколку при вештачкото хранење со шише со цуцла. Доењето го развива и го задоволува рефлексот на цицање, а со тоа се спречува и развој на нефизиолошки (неприродни) рефлекси.

Во случаите каде постои комбиниран начин на исхрана, подобро е дополнителното хранење со млечна формула да се врши со лажиче. Дохраната на бебето со цуцла може да создаде отпор кон природното цицање, кое бара значително поголема сила и напор.

Кај вештачкиот начин на исхрана, од големо значење е материјалот и обликот на цуцлата. Цуцлата за хранење со својот облик треба да одговара на нормалниот процес на цицање. Таа би требало да наликува на обликот на дојката, да не биде изработена од премногу мека гума, а отворот треба да биде мал и поставен на врвот од цуцлата према непцето. Треба да настојувате должината и ритамот на хранењето да наликува на природното доење. Исто така, од големо значење е и исправената положба на доенчето во текот на хранењето. Бебето треба да примени и извесна усисна сила, како би се надокнадил недостатокот на цицањето за правилниот развој на вилиците. Поради тоа, погрешно е хранењето на бебето во лежечка положба, со држење на шишенцето над главата на бебето.

 

Д-р Зоран Трајчев - Доктор на стоматологија