Марија Атанасовска – Водителка на познатата емисија за бебиња, деца и родители 0м+ на ТВ Телма, вели дека најчесто со упорност, правилна техника и поддршка, успешно се решаваат повеќето проблеми со доењето. Среќна е што успеала во намерата нејзините ќерки да бидат на мајчино млеко, бидејќи придобивките се повеќекратни. Како од здравстен, така и од емотивен аспект. Блискоста во тие моменти е неповторливо искуство кое треба да го искуси секоја мајка.

М.А, мајка од Скопје која ги доела своите две деца вели дека доењето е природен процес и доаѓа само од себе, бебето кога ќе се роди знае што прави и се е во ред. Според неа, доењето ја прави врската мајка-дете поинаква од сите други, искуството е непроценливо.

Љубица Спасова – Мајка од Штип која ги доела своите две деца. И денес, кога се обидува да се присети на тој бебешки период и на раното детство на своите деца, прва слика која и се јавува е детето на нејзините гради, топлината создадена меѓу двајцата, неговото блажено лиценце додека цица...

Николина Дојчиноска е мајка од Скопје која го дои своето тримесечно бебе. Во текот на бременоста посетувала работилници за доење и породување, што значително и го олеснило целиот процес. Според Николина, доењето е исконска поврзаност помеѓу мајката и бебето. „Многу е моќно како природата го извела сето тоа. Пријатно чувство, доењето овозможува зближување на мајката со бебето“ - вели таа.

Ребека Јанковска – наша позната музичка ѕвезда и мајка која ги доела своите три деца, од кои две близнаци, вели дека породувањето е најприродното чудо на светот. Мајките кои чекаат близнаци се благословени. Ребека брзо успеала да ги дои двете бебиња истовремено, а голема поддршка и помош имала од нејзината мајка и од свекрвата.

Маја Андоновска Илиевски – Актерка во НУ Народен театар-Битола го сподели со нас искуството со доењето на своето бебе. Иако доењето траело само четири месеци, таа вели дека и тие четири месеци многу и значеле, бидејќи бебето одлично напредувало. Според Маја, нема ништо поубаво од тоа да го доиш своето бебе кога тоа сака, каде сака и колку сака.

Ф.П. – мајка од Битола, вели дека доењето е најздрав, најлесен и најпрактичен начин на хранење на вашето бебе. На почетокот имала проблеми, но ги надминала со поддршка и совети од други мајки кои поминале низ истотo. Според неа, доењето е блискост која само се доживува, едно посебно чувство на љубов и грижа за своето дете.

Текстот кој го објавуваме е дел од документот WBTi Assesment report за Република Македонија. За четвртиот индикатор Заштита на мајчинството, оцената која ја доби Македонија е 6 (шест). Овој индикатор се однесува на должината на породилното отсуство, паузите за доење во тек на работното време, законските мерки за поттикнување на фирмите да го прилагодат работното место кон потребите за доење и за грижа за доенчиња и мали деца, како и ратификација на Европската легислатива за труд (ILO MPC No 183).